Димитровски: Власта на Кочани предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги исполнува ветувањата

Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски денеска истакна дека локалната власт на Кочани предводена од ВМРО-ДПМНЕ, силно чекори со реализација на ветените проекти од изборната програма 2013-2017 година.

Тој потенцираше дека изминатите шест месеци од мандатот, максимално се посветени на решавањето на инфраструктурните проблеми во градот и населените места.

Тој потсети дека досега се исполнети дел од ветените проекти како градење на  кружен тек на ул.„Тодосија Паунов“, реконструкција и асфалтирање на улиците Љупчо Сантов, Мишо Арсов,Крум Вранински, изграден е армирано-бетонскиот мост на Голема Река во село Полаки и  тампониран е патот од  месноста Крушка до училиштето во селото Полаки.

Димитровски потсети дека се санирани неколку улици, изградена е канализациска мрежа на повеќе улици и во селото Оризари, а  поставена е долгоочекуваната канализација во село Нивичани.

„Како што ветивме така и продолжуваме со активностите Пониква да прерасне во атрактивен спортско-рекреативен туристички центар.  Таму со  1 милион евра од Владата на Република Македонија преку МЕПСО се комплетира теренот за зимски спортови, за сноу-борд парковите и патеките за скијање. Во инфраструктурниот дел  изградена е вештачка акумулација за вода од која ќе се прави снег, електроенергетска и водоводна  инфраструктура за пренос на вода и за подготовка на вештачкиот снег. Пристигна опремата за ски-центарот: ратракот, топовите за вештачки снег, опремата за  сноу-борд патеката, моторна санка“, истакна градскиот татко на Кочани, кој потсети дека со  Пробиштип формирале  заедничко комунално претпријатие „Пониква“, со кое туристичкиот центар секогаш ќе биде во добра форма.

Меѓу многу реализирани дела, Општина Кочани во соработка со приватниот сектор, обезбеди донација на санитетско возило за потребите на Општа болница, а исто така Општа болница доби донација во вредност од 35 илјади евра од германската амбасада.

„Продолживме со поддршка кон културата, со тоа што и оваа година Драмскиот аматерски фестивал беше издигнат на скалило погоре.  Обезбедивме  донација на  околу 1000 примероци и 156 наслови од издавачката куќа „Просветно дело“ за училишната библиотека на „Крсте Мисирков“  во Оризари; Продолживме со организирање на бесплатни курсеви по странски јазици и информатика за околу 500 возрасни граѓани на Кочани, започнавме нов циклус годишни натпревари во  општинските  училишни лиги во фудбал и кошарка. Со можноста за бесплатното  користење на новата спортска сала „Никола Карев“ го поттикнувавме масовниот спорт, а преку проект од УСАИД веќе се гради втор влез во ОУ „Никола Карев“, потсети тој.

За сите категории на граѓани од 1 декември воведовме Јавен градски превоз во Кочани, за кој билетот ќе чини само 10 денари, рече Димитровски, кој додаде дека ВМРО–ДПМНЕ продолжува со добри мисли, интензивна напорна работа и кон реализација на ветената програма.

„Вашата дадена одлука од пред  девет месеци, нема да ја изневериме, продолжуваме со голема посветеност кон проблемите и секако пронаоѓање на решенија, ќе покажеме дека успесите се достижни само со многу труд, работа и време“, нагласи градоначалникот на Кочани.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.