Димова и СДСМ со тешки навреди за студентите

Пратеничката од редовите на СДСМ, Лидија Димова на денешната 67-ма пленарна седница на Собранието, во дискусијата по предлог законот за изменување на Законот за основното образование на најдрзок и потценувачки начин навреди и понижи огромен број на студенти во Република Македонија.

„Почитуван колега, ние во нашето високо образование го покануваме децата да доаѓаат и да се запишуваат, па се неписмени“, реплицираше пратеничката од СДСМ, Лидија Димова.

На овие искажани навреди кон студентите, веднаш реагираше Координаторот на Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Илија Димовски кој го искористи своето право и упати сериозна процедурална забелешка до пратеничката Лидија Димова.

„Во меѓувреме го добивме стенограмот во кој што јасно се гледа дека изразот е неприфатлив и навредлив за студентите со тврдењето кое што го изнесе колешката пратеничка Лидија Димова. Од ова се гледа како пратениците од СДСМ гледаат на студентите и колку целата оваа дебата е лицемерна и е гол обид за популизам“, реагираше Илија Димовски.

На крајот, Димовски апелираше во иднина пратениците од СДСМ да внимаваат во своите обраќања и упати молба до Координаторот на Пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески, во име на целата пратеничка група да упатат извинување до студентите во Република Македонија.

Сепак уште по скандалозно е тоа што, како што можеше да се забележи од преносот на Собранискиот канал, во продолжение на седницата иако беше присутен, Координаторот на Пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески не собра храброст, како што побара Илија Димовски, во име на целата пратеничка група на СДСМ да се извини пред македонската јавност за искажаните навреди и омаловажувања од страна на пратеничката од СДСМ Лидија Димова упатени кон огромниот број на студенти во Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.