Димовски: Ако договорот со Бугарија е добар нема зошто да го кријат

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ повторно, овој пат директно од господинот Талат Џафери бараме ден поскоро да свика итна седница на кој што ќе се разгледа договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија, истакна на денешната прес-конференција пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата.

Инсистираме на итност, инсистираме на ден поскоро заради тоа што после потпишување на овој договор Собранието нема никаква можност да го менува тој договор односно ако договорот биде потпишан во онаа форма во која што беше презентиран пред нас, потоа е залудно било каква дебата и дискусија во Собранието на Република Македонија.

Очигледно е дека некој ја лаже јавноста или господинот Заев ја излажа јавноста и македонското Собрание кога тврдеше дека договорот е сеуште отворен и може да претрпи измени или госпоѓата Захариева ја излажа бугарската јавност кога кажа дека договорот е затворен и не може да претрпи никаква промена.

Според нас, доколку не бидат вградени суштинските забелешки кои што ги дадовме до Претседателот на Владата Зоран Заев, тогаш овој договор ќе биде штетен за Република Македонија.

Оттука, крајно јасно и прецизно бараме господинот Талат Џафери да не ја одложува постапката за свикување на итна седница заради тоа што на таков начин ќе биде и тој соучесник во процес кој што ќе е штетен за македонскиот народ и за Република Македонија.

Цениме дека тому тој не смее да се стави себе си во позиција во која што би заштитувал договор кој што е на штета на македонскиот народ.

Испуштени се можностите  да констатираме дека во процесите кои што имаат клучно значење за Република Македонија, оваа Влада и ова мнозинство ќе одат по принципот на транспарентност и инклузивност.

Потпишување на договор кој што сеуште не може да го види јавноста не е транспарентен процес и потпишување на договор во кој што нема да биде прифатена ниту една забелешка од страна на опозицијата не е инклузивен процес.

Затоа, повикуваме и дополнуваме дека токму ваквиот однос го оправдува постоењето на 10 пратенички групи на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Очигледно, дека зборовите за инклузивност, вклученост, подадена рака се само добра и убава обланда, а во пракса се игнорира.

Вчера беше поднесено барањето во согласност со Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија еве до денес нема никаков одговор од страна на господинит Талат Џафери. Значи ние не бараме дебата која што ќе се случува во септември или октомври далеку после склучување и потпишување на ваков договор туку бараме дебата отворена со приложен јавен нацрт договор пред потпишување на договорот со Бугарија.

Транспарентноста и јавноста во овој процес е најголема гаранција за заштита на интересите на Република Македонија и на македонскиот народ.

Ако договорот е добар и ако договорот решава проблеми како што велат тие, нема зошто да го кријат. Ниту господинот Заев, ниту господинот Димитров. Ако договорот е добар тие ќе добијат поддршка и од Собранието и од сите граѓани на Република Македонија. Криењето упорно на овој договор само по себе е јасна порака дека има нешто драстично проблематично во овој договор.

Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијарта „За подобра Македонија“ имаме целосна намера да помогнеме за овој процес, посебно заради тоа што овој процес се поврзува со нашата патека кон ЕУ и НАТО. Но, нема да дозволиме да бидеме алиби за штетни и погрешни политики на владеачкото мнозинство и Владата на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.