Димовски: Не очекуваме само препораки, туку датум за почеток на преговорите

Република Македонија доби многу препораки, но не очекуваме само препораки, туку очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија.

Ова го посочи координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Илија Димовски во своето обраќање на Националниот совет за евроинтеграции. Тој меѓу другото посочи дека Република Македонија е најпрепорачуваната земја за членство во Европската Унија по бројот на препораки кои што ги има добиено.

Димовски: Не очекуваме само препораки, туку датум за почеток на преговорите
Димовски: Не очекуваме само препораки, туку датум за почеток на преговорите

Во продолжение проследете го интегралниот текст од обраќањето на Димовски:

Република Македонија се наоѓа во еден долг период на исчекување за својот следен чекор кон Европската Унија. Јас често правам аналогија и овој пат да ја искористам приликата што со нас е присутен еврокомесарот, да укажам на еден факт кој што веројатно ќе е интересен да го знае, а тоа е дека Република Македонија е најпрепорачуваната земја за членство во Европската Унија по бројот на препораки кои што ги има добиено. Тоа е некој рекорд кој што ќе биде веројатно дел од статистика и извештаи после десет, дваесет, триесет, четириесет години, но тоа е факт кој што многу значи во развојот или забавувањето на развојот на политичките, општествените, економските и социјалните состојби во Република Македонија.

Република Македонија доби многу препораки, овој пат дозволете ми во име на пратениците во Собранието на Република Македонија, во име на граѓаните кои што ги претставуваме да кажеме дека не очекуваме само препораки, туку очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија. По сите активности и сите напори кои што ги направивме и во последната година, но и во минатите години, факт е дека непостапувањето и невлегувањето во следниот чекор на Република Македонија ќе и значи само дополнително влошување и дополнителен раст на нервозата која и онака постои во нашето општество, во нашите политички партии и помеѓу граѓаните на Република Македонија. Таквата нервоза со време стана фрустрација, а таквите фрустрации со тек на време ни создадоа огромни политички и општествени проблеми. Без да навлегувам во причините и оправданоста за проблемите кои што ни се случија, причината за тие проблеми длабоко во себе, е токму застојот во следните чекори кои што Република Македонија треба да ги направи кон Европската Унија.

Тука никако не сакам да го намалам значењето на чекорите кои што треба Парламентот, Владата и другите институции да ги направат, ниту сакам да ги негирам критиките кои што Европската Унија ги има за одредени наши постапки. Но, сакам да замолам и да посочам, секогаш кога Република Македонија била поставена како партнер, секогаш ги исполнувала своите обврски , секогаш кога била заборавана може да завлезе во проблеми во кои што дупло повеќе енергија користиме за да ги поправиме работите.

Би сакал да укажам дека за жал политиката во последната година направи многу проблеми врз економскиот развој, а политиката не смее да прави проблеми на економијата. Политиката треба да ја олеснува економијата и не треба да и смета. Иако постигнуваме задоволителни резултати, ние сме една од петте најмалку задолжени држави, континуирано се намалува бројот на невработеноста, наследството кое што го имаме од транзицијата со нашето нечленување во Европската Унија и нечленување во НАТО Алијансата, не ни овозможува зголемен обем на странски инвестиции и уште поголем економски раст.

Како Собрание на Република Македонија пред нас во следниот период веројатно стои најодговорниот, но и најинтересниот период. Првично со задоволство, во мое име и во име на претседателката на Националниот совет можам да споделам дека, иако Парламентот во овој месец е поеенргичен, има многу повеќе препирки, има многу повеќе закачки, тој е подобар во својата работа затоа што  сега е комплетен. Има многу повеќе дебата, има многу повеќе анализа, има многу повеќе амандмани и има многу повеќе прифатени амандмани од страна на сите пратенички групи.

Се надевам дека енергијата која што ќе ја вложуваме во следниот период ќе ни овозможи да ги исполниме сите препораки кои што се дел од препораките на Европската Унија во насока на подобрување на буџетските процедури за кои што и Вие споменавте, усогласување на Деловникот и Законот за Собрание, јакнење на процедурите во Собранието, јакнење на комисиите за контрола на безбедносните служби, виза ви настаните кои што ги имавме претходната година и сите преостанати обврски кои што ги имаме превземено како Собрание на Република Македонија. Парламентот ќе е орган каде што ќе се спроведуваат сите политички договори, парламентот ќе е орган каде што ќе се спроведуваат сите препораки од Европската Унија, затоа би сакал да потенцирам дека е значајно да се почитуваат договорите онака како што се потпишани и посебно е значајно да се запазуваат сите рокови што се превземни во договорите.

На крај дозволете ми да Ви укажам на огромната грижа која што ја имаат граѓаните на Репулика Македонија во врска со мигрантската криза. Во исто време да ве информирам дека огромен број на доктори и невладини организации, нашата полиција, нашата армија, луѓе лично заангажирани, помагаат секојдневно и на своја иницијатива на сите мигранти кои што поминуваат низ Република Македонија. Но, она што последните десетина дена се случува на нашите граници почнува да завзема размери за кои што наштите избирачи имаат право да се чувствуваат загрижено.

Дозволете ми да Ви кажам податок дека само во петокот во Република Македонија имаат влезено 11 439 мигранти. Се додека транзитот на тие мигранти функционира, Република Македонија ќе вложува многу средства и многу енергија сето тоа да изгледа хумано и да е во согласност со сите меѓународни процедури. Она што ги плаши граѓаните на Република Македонија е затворањето на границите на државите кои што се наоѓаат северно од нас.

Се надеваме дека Европската Унија ќе најде капацитет на глобален начин да го решава овој проблем за да не стане овој проблем, локален проблем на неколку најслаби држави на европскиот континент.

Ви благодарам за интересот кој што го имате за Република Македонија, Ви благодарам за енегријата и времето кое што го вложувате за да помогнете во изнаоѓање на решенија. Се надевам дека во следниот период се почесто ќе бидете гостин на македонскиот дом на демократијата.