Димовски: ДИК да одржи јавна седница и дебата за сите ингеренции, обврски и можности за да нема дилеми околу изборите кои треба да се одржат на 24 април

Целта на денешната прес конференција е јавно да ја повикаме Државната изборна комисија, до крајот на денов, да одржи јавна седница или работен состанок на кој би присуствувале по најмалку два члена од четирите големи политички партии, кои со својот потпис застанаа зад договорот од јуни и јули минатта година, истакна денес Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

во продолжение интегрален текст од прес конференијата на Димовски

На оваа средба која би било добро да се одвива во живо, пред камерите и пред јавноста повикуваме во дебатата да се вклучат и заинтересираните меѓународни претставници кои го следат изборниот процес во Република Македонија. Би дискутирале околу сите ингеренции, законски обврски и можности кои ги има ДИК, нејзините потреби и можноста се да биде поставено на свое место за да нема дилеми околу изборите кои треба да се одржат на 24 април 2016 година.

Само на овој начин ќе бидеме убедени и ние како политичка партија и граѓаните во искреноста на целокупниот процес кој досега го водевме од аспект на неговата крајна цел, а тоа е конечен излез од кризата во која на вештачки начин беше втурната Република Македонија. Само на овој начин граѓаните од прва рака ќе ги видат аргументите и ќе може сами да судат и околу фактите и проценките.

Според информациите кои до нас стигнаа од Државната изборна комисија и странските експерти кои работат таму, вкрстувањето на податоците, во најлош случај, со мрзлива и неодговорна рбота може да се заврши за максимум 14 дена.

Од почетокот на оваа политичка криза во која што СДСМ ја втурна Република Македонија, ВМРО ДПМНЕ беше крајно конструктивна и посветена на враќање на стабилноста на државата. Бевме свесни дека на граѓаните и на земјата не и требаат конфликти и деструкција, туку и требаат просперитет и економски развој. Бевме свесни дека само со таква мудра политика можеме да привлечеме нови странски инвеститори, да отвораме нови странски и домашни фабрики и да се отвараат нови работни места за граѓаните. Само со разумен пристап ќе може навремено да ги реализираме сите проекти кои сме им ги ветивме на граѓаните.

Пратениците на СДСМ одлучија да го бојкотираат Собранието. Да не присуствуваат на седници и да не ја превземат обврската која граѓаните им ја доделиле. Преговаравме да се вратат заради добриот имиџ на државата, заради стабилност и заради потреба институциите да функционираат со целиот свој капацитет.

Се согласивме на измени во Изборниот закон и ги прифативме барањата на СДСМ, се согласивме за нова структура и нов состав на ДИК, се согласивме на прецизно регулирање на можностите партиите на фер начин да обезбедат можност за учество на изборите, иако законските решенија и до сега го нудеа тоа. Конечно, се согласивме СДСМ да ги добие ресорите за внатрешни работи и труд и социјална политика, како и три заменички места без да имаат мандат од граѓаните за тоа.

Три месеци подоцна, гледаме дека нивните кадри немаат ниту еден позитивен резултат со кој може да се пофалат во јавноста. Во ресорите каде раководат се говори само за вработување партиски послушници, унапредување на блиски роднини, беззаконие и хаос со кои се кочат сите проекти наменети за граѓаните.

Во минатиот период беа исполнети и многу други прашања, договори и обврски од разговорите помеѓу политичките партии.

Остана да се испочитува уште крунскиот услов на договорот од јуни/јули, а тоа е одржување на предвремените парламентарни избори за кои потпишавме и гласавме во Собрание да се одржат на 24 април 2016 година. СДСМ знаат дека нивната деструктивна политика на креирање кризи нема поддршка кај народот. Затоа како што наближуваше терминот за избори, се зголемува стравот на СДСМ од соочување со граѓаните. Затоа СДСМ почна да измислува нови и нови услови за да ја држи земјава во заложништво и долготрајна криза. Ова беше видливо особено во институциите каде токму од нив зависеше реализирањето на одредени сегменти од изборниот процес. Да биде иронијата поголема, деновиве дури можевме и да прочитаме дека наместо да се фокусира на вкрстувањето на податоци во ДИК за брзо прочистување на Избирачкиот список, нивните експертите со смешни образложенија дека имале други обврски ја напуштаат работата на ДИК.

Очигледно ние сме единствена држава во Европа во која опозицијата бега, плаче и моли да не се одржат избори.

Заради сето ова, дозволете уште еднаш да потенцирам дека јавно ја повикуваме Државната изборна комисија, до крајот на денов, да одржи јавна седница пред вас, пред новинарите или работен состанок на кој би присуствувале по најмалку два члена од четирите големи политички партии и врз база на факти и конкретни податоци да се дискутира околу сите законски обврски на оваа државна институција.

Се надеваме дека сите фактори ја разбираат сериозноста на ситуацијата и одговорно ќе се однесуваат спрема државните интереси на Република Македонија. На граѓаните им треба стабилна и просперитетна држава, а не држава во која ќе владее хаос и деструкција. ВМРО-ДПМНЕ секогаш до сега ја почитувало и ќе ја почитува волјата на граѓаните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.