Димовски: Доколку власта сака конструктивна опозиција има основна одговорност таа да биде конструктивна

Одговорност на опозицијата во Република Македонија е да биде конструктивна, но уште поголема одговорност е на власта да биде конструктивна. Би сакал да потсетам дека досега пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието на Република Македонија имаат доставено 13 закони, ниту еден досега не бил разгледуван на пленарна седница на Собранието на Република Македонија, истакна на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието на Република Македонија имаат доставено барање за разгледување на четири информации кои што се однесуваат на пожарите, на договорот со Бугарија, на проблемите што се појавија во здравството, односно случајот во с.Симница. Ниту една досега не беше разгледувана од страна на Собранието на Република Македонија“, рече Димовски.

Додаде дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието на Република Македонија доставиле и шест интерпелции за кои што гледаат обиди парламентарното мнозинство и Талат Џафери да најдат начин да не бидат разгледувани во нормален временски размак, се со цел да ги заштитат министрите кои што несовесно и лошо ги обавуваат своите функциии.

Димовски посочува дека пред неколку дена Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ, кажал дека законите кои што ги поднеле во редовна постапка ги повлекуваат и ќе ги поднесат во скратена постапка.

„Доколку власта сака конструктивна опозиција има основна одговорност таа да биде конструктивна. Затоа денеска најавувам дека три од нашите тринаесет закони кои што веќе се поднесени во редовна постапка во Собранието на Република Македонија, денеска се веќе поднесени со барање тие да бидат разгледани по скратена постапка, закони од интерес на граѓаните на Република Македонија“, рече Димовски.

Посочи дека предлагаат Собранието на Република Македонија на денешната седница да го разгледа и да го донесе по скратена постапка Предлогот на закон за дополнување на Законот за исплата на плати во Република Македонија, предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ со кој закон ќе се овозможи 5 отсто зголемување на платите на наставничкиот кадар, професорскиот кадар на факултетите, воспитувачките во градинките, негователките, техничкиот кадар во училиштата, медицинските сестри, техничкиот кадар во здравството, 5 отсто зоглемување на плата во полицијата, војската, на вработените во сите јавни претпријатија во Република Македонија, на вработените во фондовите, центрите за социјални грижи, агенциите, на актерите, трудовите работници и сите кои што влегуваат во категорија државни и јавни службеници, тоа 5% зголемување на плата во јануари 2018 година, и 5 проценти зголемување на плата во јануари 2020 година.

Димовски вели дека доколку на СДСМ им се во интерес граѓаните тогаш нема никаква причина овој закон денеска да не биде ставен во скратена постапка и да биде изгласан.

„Вториот закон кои што денеска ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ веќе го поднесе по скратена постапка е Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување, подготвен од колегата Панчо Минов, но поднесен од сите нас со кој што предлагаме драстично изменување во делот на Законот за извршување со што ќе се намалат превисоките трошоци за извршување кои што ги плаќаат граѓаните на Република Македонија. Овој закон ќе се однесува на околу 300 илјади граѓани на Република Македонија со кои што ќе им помогнеме, сметките, процесите и предметите за сметките за струја, вода, телефон и други комунални услуги да не можат трошоците во процес на извршување и наградата која што ја добиваат извршителите и каматите кои што би ги платиле по овие сметки никако да не го надминуваат износот на главниот долг. На тој начин ќе се ограничат можностите на извршителите, на комуналните претпријатија и на другите понудувачи на јавни услуги преку процесите на извршување да симнуваат од сметките на граѓаните енормни средства“, нагласува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, ако овој закон Собранието на Република Македонија го донесе денеска, од денеска па натаму, ниту една сметка за извршување нема да може да го надминува главниот долг кои што го имаат граѓаните по основ на комунални услуги.

„Третиот закон којшто ќе го предложиме по скратена постапка односно веќе го предложивме е закон кој што предходното владеачко мнозинство во два наврати го носеше и беше ефикасен и даваше резултати, а тоа е Предлог закон за издавање вредносни бонови – ваучери, со кој што предлагаме на сите студенти во република Македонија кои што за првпат се запишани во трета и во четврта година на студии во високо образование но и на студентите кои се евидентирани за лица со посебни потреби без разлика во која студиска година се студенти, а нивните семејства немаат просечен нето прилив на средства повисок од две просечни плати односно 45 364 денари, државата Република Македонија да им издаде ваучер еднократен, во износ од 18 600 денари за набавување на комјутер и компјутерска опрема. Повторувам, овој закон беше двапати досега од страна на поранешното парламентарно мнозинство и даде исклучително позитивни резултати во целиот сегмент. На овој начин ќе бидат опфатени повеќе илјади студенти со доделување на вредносни ваучери за набавка на компјутери и компјутерска опрема“, нагласи Димовски.

Пратеникот заклучува дека СДСМ предложи три закона по скратена постапка, кажа дека тие закони се од интерес на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За  подобра Македонија“ предлага три закона коишто се исклучиво од интерес на граѓаните. Доколку СДСМ навистина има интерес за граѓаните нема никаква причина да не ги прифати законите кои што денеска по скратена постапка ги предлага ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

„На тој начин, единствено ќе го отфрлат сомнежот дека сите закони кои што сакаат да ги протуркаат набрзина имаат единствено популистичка цел во очи на локалните избори. Ако на сите ни се граѓаните во интерес, ако на сите пратеници во Собранието им се потребите на граѓаните интерес тогаш не треба да правиме разлика кој закон која партија го предложила. Ако СДСМ биде коструктивна спрема овие три закони кои што ние ги предлагаме и ние ќе имаме конструктивен приод кон трите закони кои што тие ги предлагаат. Гер понуда во интерес на граѓаните на Република Македонија. Го чекаме одговорот од СДСМ“, нагласи Димовски.