Димовски: Граѓаните од прва рака преку јавна дебата да ги видат аргументите и сами да судат околу фактите и проценките

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски денес ја повика Државната изборна комисија да одржи јавна седница до крајот на денот на која би се дискутирало околу сите ингеренции, законски обврски и можности кои ги има ДИК, нејзините потреби и можноста се да биде поставено на свое место за да нема дилеми околу изборите кои треба да се одржат на 24 април 2016 година.

-На оваа средба која би било добро да се одвива во живо, пред камерите и пред јавноста повикуваме во дебатата да се вклучат и заинтересираните меѓународни претставници кои го следат изборниот процес во Република Македонија. Само на овој начин ќе бидеме убедени и ние како политичка партија и граѓаните во искреноста на целокупниот процес кој досега го водевме од аспект на неговата крајна цел, а тоа е конечен излез од кризата во која на вештачки начин беше втурната Република Македонија. Само на овој начин граѓаните од прва рака ќе ги видат аргументите и ќе може сами да судат и околу фактите и проценките, истакна Димовски.