Димовски: Имаме само една алтернатива – унитарна и стабилна Македонија

Оваа Коалиција со која ВМРО-ДПМНЕ настапува е најголемата политичка Коалиција било кога формирана во Македонија. Во оваа коалиција членуваат сите политички партии кои не дозволуваат виткање на кичмата, кои не дозволуваат промена на уставот, двојазичност, редефинирање на Македонија, не дозволуваат ниту кантонизација…

Ова го истакна Илија Димовски, носител кандидатската листа во ИЕ 3 на вечерашниот митинг во Кочани.

-Дали вие би му верувале на некој кој континуирано ве лаже? Одговорот е не. Зоран Заев ветува плата од 30.000 денари, а во време на СДСМ просекот беше 11 илјади денари, денеска е 23.000 денари. Ветува 30.000 денари, а вработените во фирмите на Заев земаат од 10.000 до 11.000 денари. Ветува дека ќе отворал нови работни места и ќе носел фабрики. За 11 ипол години, колку што тој е градоначалник во Струмица не отворена ниту една странска фабрика. Кога СДСМ се расфрла со ветувања, ќе ви замолам да се потсетите на минатото и на нивните ветувања. Во нивно време немаше утврдено минимална плата со Закон, а денеска се расфрлаат со ветувања, но забораваат дека граѓаните се мудри и паметат како работел СДСМ, ги паметат сите затворени фабрики, кога страдаа градовите зашто луѓето остануваа без работа.

Во време на СДСМ, рече Димовски пред кочанчани, 6.778 ваши сограѓани работеа, денеска 11.346 ваши сограѓани секое утро одат на работа. Тоа се 4.568 нови работни места во Кочани. Разликата е очигледна.

-Во источна Македонија се гради и се создава единствено кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт. За прв пат после децении се гради автопат во овој дел на Македонија. За прв пат се оформи и државен Универзитет во источна Македонија…

Упати и апел до граѓаните: На овие избори не гласаме само за тоа која партија ќе победи, гласаме за тоа каква Mакедонија ќе им оставиме на идните поколенија.

-Дали политичката судбина на Заев ви е побитна или иднината на вашите деца?, запраша Димовски и додаде дека, македонскиот народ не смее да се дели.

-Размислете дали ќе дадете глас за помалите политички партии кои се пуштени за забуна меѓу гласачите. Секоја глас за помалите политички партии е глас за Заев и неговиот план за двојазичност, федерализација, кантонизација… Имаме само една алтернатива- унитарна, стабилна Македонија. 11 декември референдум за унитарна и суверена Република Македонија.