Димовски: Изјавата на Јанева е опасна и сериозно штетна за државноста

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од коалицијата денеска најостро ја осудија вчерашната изјава на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и побараа од неа да се извини за навредата на државата Република Македонија, народот и институциите, а сите политички партии да се оградат и исто така да ја осудат нејзината изјава.

Координаторот на пратеничката група Илија Димовски рече дека изјавата на Јанева била политичка, односно дека таа се однесувала како портпарол на некоја од опозициските партии и оти станува збор за многу опасна изјава која го руши дури и суверенитетот на земјата.

– Изјавата на Јанева е многу опасна и сериозно штетна за државноста. Според таа изјава значи Македонија нема институции, претседател, Собрание, Влада, Уставен суд… Значи дека оваа држава не постои. Оваа изјава е обид за демонтажа на Република Македонија. Во минатите години се навикнавме на вакви изјави надвор од Република Македонија, но сега е жално што ваква изјава доаѓа од граѓанин на РМ, рече Димовски.

Јанева, додаде Димовски, се делигитимира самата себе.

– Според тврдењата на Јанева, законот со кој е избрана и финансискиот план и одлуките со кои е избрана се нелегитимни и тоа значи дека таа не постои, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа изјава, според него, значи дека Македонија треба да стане протекторат на некој од надвор и некој друг да одлучува за неа. Димовски потенцира дека Јанева излегува надвор од своите надлежности.

Тој ја повика Јанева да дојде на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а потоа и на пленарна седница и исто како што постапуваат други избрани лица да го образложи Извештајот. – Тоа ќе биде добра можност таа да се извини пред пратениците, рече Димовски.