Димовски: Лустрираните не беа жртви, туку кодошените

Пратениците во Собранието на Република Македонија денес расправаа за Предлог законот за престанување на важење на Законот за лустрација во прво читање.

Во дел од своето образложение на законот од страна на Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски истакна дека оние кои што биле затварани, ликвидирани со и без судски пресуди, оние кои што биле под постојан полициски надзор, тепани, следени и пруслушкувани заради идеолошки и политички причини всушност се вистинските жртви, а не оние кои што ги кодошеле за сметка на подобри работни места, финансиска надокнада или подобра позиција во општеството.

-Дозволете ми, многу лично да кажам дека лустрираните не беа жртви, туку кодошените беа жртви, оние кои што биле прогонувани беа жртви. Оние кои што биле затворени поради идеолошки политички причини беа жртви. Оние кои што беа ликвидирани со и без судски пресуди, тие беа жртви. Оние кои што биле со децении под постојан полициски надзор, заради различни идеолошки и политички убедувања, тие биле жртви. Оние кои што биле тепани, оние кои што биле следени, прислушувани заради различни идеолошки и политички причини, тие биле жртви, оние кои што биле обесправени, но и нивните семејства, оние на кои што им бил национализиран имотот, оние кои што биле насилно преселувани, односно инфилирани, оние кои што ги губеле работните места заради идеолошки и политички причини или воопшто не ги добивале, тие биле жртви, оние кои што ги губеле граѓанските права во и надвор од судска постапка заради политички и идеолошки причини, тие биле жртви, оние кои што го изгубиле правото на пензии, без разлика што учествувале во Втората светска војна како припадниците на партизанските одреди заради идеолошки и политички причини тие биле жртви, а не оние кои што им биле пријатели, роднини, колеги и тајно без нивно знаење ги кодошеле а за себе добивале финансиска надокнада, подобри работни места, општествени станови или подобра позиција во општеството. Тие не биле жртви, иако во последните неколку години се обидоа да се претстават како жртви. Воедно би сакал да соопштам дека делото на секој од нив, кое што не е на секој од овие за кои што е утврдено дека кодошеле, нивното дело без разлика дали биле писатели, политичари, економски, бизнисмени, режисери, никој од нас во ниту еден момент не го оспори, но фактот дека кодошеле на сметка на свои роднини, на сметка на свои пријатели, на сметка на свои колеги мораше да се дознае и мораше не заради казна спрема нив, јас ги разбирам и нив живееле во друг систем, мислеле дека можеби тоа е исправно, но заради поука за сите идни генерации како не смее да се постапува и како не смеат да се загрозуваат човековите права, рече Димовски.

Исто така, Димовски потенцираше дека идејата на Павел Шатев, Ристо Шишков, Методија Андонов Ченто, Драган Богдановски и уште многу други со или без овој закон сепак победила.

-На крај дозволете ми повторно лично да кажам дека идејата на Живко Чинго, идејата на Панко Брашнаров, идејата на Павел Шатев, идејата на Ристо Шишков, идејата на Владимир Полежина, идејата на Методија Андонов Ченто, идејата на Мише Карев, идејата на Драган Богдановски, со или без овој закон победи. Денеска живееме во демократија, живееме во независна и суверена Република Македонија. Да им заблагодариме на сите овие кои што ги спомнавме и на илјадници други кои што беа жртви а не се споменати, заклучи тој.