Димовски: Македонија ја нема ратификувано Европската конвенција за малцински јазици

Деловникот пропишува дека ако се стави европско знаменце мора во образложението да има акт на Европската Унија, да има европска регулатива. Она што го одговорија беше Европската конвенција за малцински јазици и права, која што прво ја немаме ратификувано, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски во емисијата Клик Плус на Телевизија 21.
– Ако ја ставиме во процедура да се ратификува прво колегите Албанци први ќе се побунат затоа  што таа обезбедува многу помалку јазични права од тоа што дури и сега го има. Најбитното е  не е право на Европска Унија, туку е акт на Совет на Европа што е сосема различно, истакна Димовски.
Тој потенцираше дека  Владата и Џафери се свесни дека знамето на Европската Унија е погрешно поставено во тој закон и дека истото е поставено за да се ограничи дебатата.
– Во исто време во прво читање беше ветувано дека ќе има јавна расправа. Побаравме да има лингвисти, професори по уставно и компаративно право, да споредиме како е регулирано во Европа и соседните држави и врз таа база да напишеме амандмани и да реагираме на законот. Но имавме три дена помеѓу прво и второ читање и имавме одбивање на предлогот за јавна расправа, посочи Димовски.
Водителот Иле Петревски на самиот почетокот на емисијата која беше посветена на законот за употреба на јазиците изјави  дека иако имале договорен гостин и од СДСМ тие го откажале своето присуство. Тој додаде дека партијата која што години наназад викаше дека во Македонија нема доволно демократија токму заради непојавувањето на дебати на тогашната власт, сега од оваа позиција во која што се наоѓа СДСМ телевизијата доби откажување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.