Димовски: Македонија претставува врата кон пазарот на Европската Унија

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски, денеска одржа состанок со кинеска делегација предводена од заменик гувернерот на провинцијата Сечуан, г. Гао Фенг и новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија г.Вен Џеншун. Провинцијата Сечуан претставува една од најразвиените провинции во делот на земјоделството, посебно во сточарството.

Димовски рече дека Македонија е солиден произведувач на земјоделски производи. Бележиме континуиран пораст на производството и извозот на земјоделски производи. Со цел продлабочување на трговската соработка и унапредување на извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи, со Народна Република Кина веќе е потпишан Меморандум за разбирање за понатамошна соработка во земјоделството и Протокол за фитосанитарни услови за извоз на тутун од Република Македонија во НР Кина, со што формално правно веќе е овозможена соработката во областа на земјоделството.

„Кинескиот пазар е најголем во светот, меѓутоа тоа е и многу пребирлив пазар, за кој е потребен квалитет кој ќе ги задоволи потребите на кинеските потрошувачи. Вашата идеја за присуство на кинески компании, кои ќе отворат свои претставништа во Македонија е одлична можност за вашите бизнисмени, затоа што Република Македонија претставува врата кон пазарот на Европската Унија, за кој сите закони во Република Македонија кои се однесуваат на областа на земјоделството се целосно усогласени со законодавството на Европската Унија. Исто така ја имате мојата поддршка за било која инвестиција во областа на земјоделството “, истакна министерот Димовски.