Димовски: Ова е прв случај кога толку висок функционер одбива да дојде во Собрание

Пратеникот Илија Димовски смета дека одбивањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева да се појави во Собрание е прв случај кога толку висок функционер не се појавува и не дава отчетност.

До сега во Собранието и Прчевски и Шврговски и Зврлевски биле заедно повеќе од 30 пати на пленарна седница и дискутирале со пратениците и одговарале на пратенички прашања. Ова е прв случај кога толку висок функционер одбива да дојде во Собрание. Не гледам прчина зошто Јанева не сака да дојде и да разговара. Од што бега, од транспарентност?, праша Димовски, кој беше гостин во дебатната емисија Топ тема на Телма телевизија.

Едно од прашањата кое би и` го поставил Димовски на Јанева би било- кој ја донел одлуката за полициско приведување на единствениот македонски градоначалник во Албанија Едмонд Темелко, дали СЈО или СДСМ. Ова, вели Димовски, е легитимно прашање и сакам да добијам одговор.

Јанева има законска заштита да не зборува за тоа за што мисли дека ќе ја наруши истрагата и ние нема да прашуваме за тоа, не сакаме да ја нарушиме истрагата, туку сакаме да дискутираме за нешто што веќе се случило и да има отчетност.

Според Димовски, Парламентот е највисок државен орган и сите треба да одговараат, вклучувајќи ја и Јанева.