Димовски: Памтиме што значи да се затвораат фабрики, да се бркаат луѓе на улица

За големиот економски развој на Република Македонија и разликата која ја гледаме денес споредено со отпуштањето работници и затворањето фабрики во време на владеењето на СДСМ, говореше пратеникот и член на ИК на ВМРО – ДПМНЕ, Илија Димовски во своето вчерашно обраќање пред граѓаните на Струга .

-Фативме тек којшто значеше силен економски развој во Република Македонија, спореден со сите соседни држави, економски развој кој не беше прашање на потврда од домашните институции, туку економски развој којшто го потврдуваше и Европската комисија, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. Тоа и почна да се гледа. Памтиме што значеше да се затвораат фабрики, да се бркаат луѓе на улица, памтиме што значеше комшиите да ни останат без работа, роднините да ни останат без работа, родителите да ни останат без работа. Во последните неколку години успеавме да видиме дека се градат фабрики, се вработуваат луѓе се градат патишта, болници, градинки, истакна Димовски.

Тој додаде дека и покрај предизвиците и проблематичните ситуации, резултатот на работата на секој политичар мора да биде подобар живот за граѓаните.

-Сите граѓани на Република Македонија можат да ја видат разликата. Од една страна имате тим политичари кои макотрпно работат да исправат работи кои со генерации наназад биле криво насадени. Ние сите, иако сме млади, знаете каква држава, систем, институции наследивме, со колку илјадници невработени луѓе. Дали знаете дека кога овој тим политичари ја презеде одговорноста да раководи со Македонија дека немаше ниту еден лист хартија, проект немаше, план немаше, идеја немаше за тоа да се направи. Од друга страна имате сосема друг карактер на луѓе кои со генерации наназад биле навикнати, без избори, без легитимитет и без поддршка од граѓаните да владеат, посочи тој.

Според него, снимените разговори не доаѓаат од раководните државни органи, туку како што рече, снимањето е правено од некој што имал сосема други интереси и концепт.

– На почетокот велеа дека не се познаваат со тие коишто учествувале во снимањето, потоа признаа дека се познаваат. На почетокот велеа дека им е важно граѓаните да ја дознаат вистината, експертите и аналитичарите велеа дека се влезени во многу сериозен филм да направат дестабилизација на државата, додаде Димовски.

Димовски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ како партија има еден јасен план кој граѓаните јасно го гледаат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.