Потпретседателот на СДСМ и градоначалникот на Куманово вмешани во голем скандал

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, е вмешан во сомнителен и коруптивен скандал, рече денеска Илија Димовски, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Во овој скандал, како што нагласи тој, е вмешан и градоначалникот на Куманово, Зоран Дајмановски- Циц.

„Ако мислевте дека новите личности во врвот на СДСМ се случајно избрани од денес ќе знаете дека не е така. Дури и за тие личности од СДСМ за кои сите мислевме дека се нови и чисти, денес можеме да заклучиме дека не се“, рече Димовски, откривајќи го големиот скандал.

На 28-ми јануари 2011-та година, како што рече тој, склучен е договор за јавна набавка помеѓу општинското јавно претпријатие Куманово-паркинг и извесна фирма од Белград со име Метропаркинг ДОО.

„За информација, директор на општинското јавно претпријатие Куманово-паркинг во моментот на склучување на договорот бил Трајко Трајковски, назначен од страна на градоначалникот Зоран Дамјановски – Циц. Овој директор е познат во Куманово по тоа што целиот работен век го поминува на високи партиски функции во СДСМ и СКЈ, но и државни функции. Фирмата Метропаркинг ДОО од Белград е приватна фирма во сопственост на повеќе лица, меѓу кои и извесен Дејан Симиќ“, рече Димовски.

Во Македонија, како што рече тој, постои фирма Метропаркингплус ДОО Скопје основана на 16.06.2010 година. Во скопската фирма еден од оснивачите е и веќе споменатиот Дејан Симиќ од Белград.

„Факт е дека Метропаркинг ДОО Белград е капитално поврзана со Метропаркинплус ДОО Скопје. Двете фирми имаат ист еден од оснивачите и сопствениците“, додаде тој.

Еден од сопствениците на скопската Метропаркингплус ДОО Скопје, рече тој, од самото основање, па и во моментот на добивање на тендерот од општинското јавно претпријатие Куманово-паркинг, на 28-ми јануари 2011-та година е потпретседателот на СДСМ, господинот Дамјан Манчевски.

„Според јавно достапните документи Дамјан Манчевски е сопственик на фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје во моментот кога фирмата Метропаркинг ДОО од Белград го добива тендерот за стопанисување со паркинзите во град Куманово, каде градоначалник е Зоран Дамјановски – Циц од СДСМ. Пред неколку месеци Дамјан Манчевски е избришан како сопственик на Метропаркингплус ДОО Скопје и тоа во период кога ја добива функцијата потпретседател на СДСМ. Но, тој и понатаму, до ден денес останува лице за контакт на скопската Метропаркингплус ДОО. Неговата лична e-mail адреса до ден денес е заведена како контакт адреса на скопската фирма“, рече Димовски.

Реален извршител на тендерот, фирма која ги има превземено сите права и обврски според договорот и комуникацијата со општинското јавно претпријатие Куманово – паркинг не е српската Метропаркинг ДОО Белград, туку нејзината ќерка фирма Метропаркингплус ДОО Скопје чиј еден од сопствениците е токму потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски.

„Видливо е се’. Белградска фирма добива тендер, за да се скрие трагата, и  го преотстапува на скопска чиј сопственик и основач е потпретседател на СДСМ и близок соработник на највисоките функционери на таа партија. Дополнително, овие две фирми се и капитално поврзани. Сегашниот потпретседател на СДСМ си добил работа во општина која е раководена од градоначалник на СДСМ. Денес, кога граѓаните на Куманово плаќаат високи сметки и казни за паркирањето во нивниот град треба да знаат дека парите завршуваат на сметка на фирма каде сопственик бил партиски колега на нивниот градоначалник Зоран Дамјановски, но и потпретседател на СДСМ Дамјан Манчевски“, рече тој.

Ако мислевте , рече Димовски, дека во СДСМ функциите се добиваат случајно и ако мислевте дека Дамјан Манчевски од небо станал потрпетседател на таа партија, денес треба да знаете дека не е така. Во СДСМ само вака се напредува.

„И ова раководство на СДСМ сепак потекнува од старата школа на СДСМ. Највисокиот врв на СДСМ повторно е замешан во крупен тендерски скандал“, рече на крајот Димовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.