Димовски: Проектот „Рурални развојни зони“ од огромно значење за Свети Николе и регионот

Носителот во Изборна единица 3, Илија Димовски денеска во општина Свети Николе, оствари средби со пензионери, млади, студенти и стопанственици на кои се разговараше за проектите и мерките од новата изборна програма „Реално“.

Имавме средба со поголема група на пензионери во општина Свети Николе и разговаравме за интересот кој тие го имаат за неколку работи. Прво разговаравме за помошта која државата досега ја давала и планира да ја дава, односно за најавата за понатамошно зголемување на пензиите од 10,25 проценти. Исто така зборувавме и за политичката ситуација- пензионерите, но и сите граѓани во Свети Николе се спротивставуваат на идеите за редефинирање на државата, за промена на Уставот, за кантонизација на државата, за двојазичност, поради тоа што виделе многу зад себе и знаат дека од таквите работи нема ништо добро, државата само може да влезе во конфликт, истакна Димовски.

Најважно, рече Димовски, зборувавме за еден концепт за руралните развојни зони кои на Свети Николе, но и на сите општини во источна Македонија многу ќе им помогне, со тоа што државата ќе дава огромни подршки и субвенции за сите домашни и странски компании кои планираат да инвестираат во стопански капацитети во руралните средини. Во Свети Николе има многу населени места кои се се уште живи и имаат потенцијал.

Тој потенцираше дека има многу села кои што имаат потенцијал и како пример ги истакна Амзабегово, Мустафино, Кадрифаково и многу други.

Практично сите села во Свети Николе ќе бидат дел од така наречената рурална зона во која што домашните и странските компании кои ќе инвестираат ќе добијат поддршка од 20 проценти гранд од државата за инвестицијата, ќе добијат голем број на даночни ослободувања, ослободувања од царина за машините кои ќе ги увезуваат за инвестициите, 50 проценти ослободување за придонесите во следните 10 години, комплетно ослободување од перосонален данок и данок на добивка во следните 10 години, ќе добиваат поддршка од државата во смисла на ослободување од плаќање на комуналии, на такси за урбанистичко планирање, поддршка за инфраструктурни поврзувања и сетоа она што ќе значи поддршка на домашните и странски компании за своите следни инвестиции да ги насочат кон руралните средини со цел да им помогнеме на македонските граѓани кои живеат или планираат да живета во селата. Тоа на овие луѓе им значи многу бидејќи е гаранција за нивните следни генерации дека ќе имаат пристојна работа и дека ќе си останат на своите огништа и тука ќе ја градат својата иднина, додаде Димовски.