Димовски: СДСМ повторно ги ставија партиските интереси пред интересите на граѓаните

Пратениците од СДСМ повторно, нема да учествуваат на седницата за пратенички прашања. Тие повторно, најотворено ги ставија партиските интереси пред интересите на граѓаните кои што ги избрале да бидат нивни претставници и да ги застапуваат нивните интереси овде, во Собранието на Република Македонија, рече на денешната прес конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Интегрален текст од прес-конференцијата на Димовски:

Денес во Собранието на Република Македонија е предвидено да започне и да се одржи редовната седница на пратенички прашања.

Токму институтот пратенички прашања се можност која ја дава Деловникот за работа на ова Собрание, со која пратениците имаат право да ја прашуваат Владата или пак другите избрани функционери за работата од нивната надлежност. Тоа е право на секој пратеник, тоа е право на секоја пратеничка група во Собранието на Република Македонија.

Сепак, денес ситуацијата е повеќе од очигледна. За жал, таа се повторува и е идентична како онаа во периодот кога пратениците од СДСМ не доаѓаа на работа во Собранието, а ги земаа своите плати од џебот на граѓаните.

Имено, пратениците од СДСМ повторно, нема да учествуваат на седницата за пратенички прашања. Тие повторно, најотворено ги ставија партиските интереси пред интересите на граѓаните кои што ги избрале да бидат нивни претставници и да ги застапуваат нивните интереси овде, во Собранието на Република Македонија.

Да потсетам дека ова што го прават пратениците од СДСМ, не се случува прв пат. Ова веќе им прераснува во традиција. За жал, негативна. Целата македонска јавност беше сведок и знае дека пратениците од СДСМ во периодот од година и половина кога не доаѓаа на работа, а земаа плата од џебот на граѓаните, пропуштија вкупно 10 седници на кои ќе имаа можност да постават над 300 пратенички прашања од интерес и во полза на граѓаните односно да решат над 300 проблеми на граѓаните. Од друга страна пак, дури и на неколкуте седници за пратенички прашања на кои што пратениците од СДСМ се појавија, наместо да се борат за решавање на проблемите на граѓаните, тие се решија да читаат партиски соопштенија и да поставуваат прашања нарачани од страна на Заев и Шекеринска.

Да е апсурдот уште поголем, пред извесен период токму Координаторот на Пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески, јавно, на прес конференција, во обид на многу провиден и смешен начин да ја претстави СДСМ како партија која што се залага и бори за интересите на граѓаните, побара итно закажување и одржување на седница за пратенички прашања. Сепак тие денес докажаа дека тоа нема никаква допирна точка со реалноста и со вистината.

Очигледно, пратениците од СДСМ повторно одлучија да се стават во улога на пратеници само на својата партија, но не и пратеници на граѓаните. Тие одлучија да бидат слуги и слепи извршители на наредбите и инструкциите кои што доаѓаат од седиштето на партијата и нејзиното раководство.

Од друга страна пак, сакам да потенцирам дека нашата пратеничка група заедно со коалициските партнери, како резултат на редовните и директни контакти и средби со граѓаните кои ги остваруваме преку разни посети на населени места и урбани заедници, но и преку средбите во пратеничките канцеларии ширум државата, до сега постави околу 300 пратенички прашања кои произлегуваат токму од тие средби и контакти со граѓаните и се од нивен директен интерес. Токму тие пратенички прашања беа причина да се решат или да се започне со процедура за решавање на огромен број на конкретни барања и проблеми на граѓаните. Тоа се конкретни прашања за конкретни проблеми, а не празно политиканство и ситни политички игри.  Тоа се прашања од граѓаните за граѓаните.

Оттука, многу е јасна ситуацијата. Евидентно и очигледно е дека постојат два различни пристапи и концепти на функционирање на пратеничките групи како во Собранието, така и надвор од него.

Токму затоа, како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“сме особено горди поради тоа што на секој можен начин помагаме и се трудиме да помагаме на граѓаните и така и ќе продолжиме во иднина.