Димовски: СДСМ знаат да работат само кога создаваат проблеми, деструкции и криза

СДСМ сака да го повтори сценариото за предизвикување на нови инциденти и нови кризи во Собранието на Република Македонија. Немаат аргументи, немаат програма, немаат идеи, но затоа навредуваат, затоа се закануваат, затоа поднесуваат илјадници глупави амандмани. Сакаат да креираат криза во Собранието, за да ја продолжат кризата која ја создадоа надвор од Собранието. СДСМ знаат да работат само кога создаваат проблеми, деструкции и криза.

Ова на денешната прес конференција за медиуми го нагласи координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски.

Интегрален текст од изјавата на Димовски:

За жал, во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на уште едно агресивно, дрско и недолично однесување на пратеници на СДСМ кон жена пратеник, претседателката на Комисијата за образование на Собранието на Република Македонија, Олга Најденовска.

Само присебноста и одмереноста на г-ѓа Најденовска придонесе дрското и грубо однесување на пратениците на СДСМ да не прерасне повторно во физички напад, исто онака како што СДСМ повеќе пати направи во ова Собрание.

Целта е да не се донесе законот за основање на нов државен Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир Дамјан Груев и да се предизвика нова политичка криза.

СДСМ сака да го повтори сценариото за предизвикување на нови инциденти и нови кризи во Собранието на Република Македонија. Немаат аргументи, немаат програма, немаат идеи, но затоа навредуваат, затоа се закануваат, затоа поднесуваат илјадници глупави амандмани. Сакаат да креираат криза во Собранието, за да ја продолжат кризата која ја создадоа надвор од Собранието. СДСМ знаат да работат само кога создаваат проблеми, деструкции и криза.

Почитувани,

СДСМ е против основање на нов државен Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир кој треба да го носи името на Дамјан Груев.

Во текот на вчерашниот ден преку закани, навреди, вербален напад, шеснаесетчасовни процедурални дискусии, но и поднесени насилени, несуштински и контрадикторни над 980 амандмани сакаат да го блокираат носењето на законот.

СДСМ немаат свои идеи и проекти, но затоа ги кочат добрите идеи на мнозинството. Пратениците на СДСМ се водат по премисата: “Колку полошо за државата, толку подобро за СДСМ”. Никогаш не дале поддршка за било која добра идеја.

Да потсетам дека СДСМ беше против формирање на Универзитетот Гоце Делчев во Штип кој денес е еден од подобрите универзитети во Македонија, СДСМ беше против изградбата на нови згради за факултетите и беше против проектите за подобрување на студентскиот стандард.

Пратениците на СДСМ нескриено кажуваат дека нивната цел не е да се подобри законот, ниту да се дебатира со аргументи, туку јасно и гласно говорат дека по секоја цена сакаат да го блокираат носењето на законот за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир Дамјан Груев. Со тоа покажуваат дека не го гледаат Собранието како место за аргументирана дебата и дијалог, туку како инструмент за агресивно и деструктивно спроведување на сценариото за континуирана криза во Македонија.

Скоро сите 980 амандмани поднесени од СДСМ, немаат никакво суштинско значење, контрадикторни се и имаат за цел да се влече до недоглед процедурата за носење на овој закон, но и се доказ за непознавање на правото, деловникот и проблематиката од страна на пратениците на СДСМ:

Да ви набројам неколку примери какви се амандмани има поднесено СДСМ.

  1. Имаат десетина различни амандмани со кои предлагаат промена на името на универзитетот. СДСМ предлага да се избрише името Дамјан Груев, а на негово место предлагаат имиња како Страхил Гигов, Вера Ацева, Крсте Црвенковски, Видое Смилевски-Бато. Долг список на лица за кои знаат дека имаат огромни гревови спрема македонскиот народ и неговата национална борба, со цел да предизвикаат тензии и бесполезни долги историски дебати и конфликит помеѓу пратениците со различни иделолошки убедувања. Дамјан Груев е несомнен лик и авторитет, еден од најголемите лидери на македонската борба. Неговото име и дело не може да биде заменто ниту со Вера Ацева, ниту со Крсте Црвенковски, ниту со Видео Смилевски-Бато, а најмалку со Страхил Гигов.
  2. Преку поднесените амандамни за определување на бројот на запишани питомци на Воената академија за копнена војска и воздухопловната академија годишно, СДСМ има поднесено огромен број на контрадикторни амандмани каде што во еден амандман бараат бројот на запишани питомци да не биде поголем од 136 на годишно ниво, во друг да не биде поголем од 73, во трет да не биде поголем од 91, во четврт да не биде поголем од 61, во петти 51, во шести амандман да не биде поголем од 16, во седми 104 на годишно ниво и така натаму. На крај поднеле и амандман да се брише овој член 10 од Законот. Да не знае човек дали да им се смее или да ги жали.
  3. Преку поднесените амандмани за стапување во сила на овој закон, СДСМ повторно има поднесено огромен број на контрадикторни амандмани каде што во еден амандман бара законот да стапи во сила на 11-тиот ден од денот на објавувањето во Службен весник, во друг да стапи на сила на 25-тиот ден, во трет на 49-тиот ден, во четврт амандман да стапи на 17-тиот ден, па 56-тиот ден и така натаму. На крај поднеле и амандман да се брише овој член 34 од законот. Идејата им е само за овој член каде имаат поднесено десетици бесмислени амандмани да држат дискусии од барем една недела.
  4. Преку поднесените амандмани за користење на униформи на студентите со пропишани ознаки, СДСМ поднесува десетици амандмани во кои што суштината на сите е иста, но со менување на местата на зборовите или додавање на сврзници, прилози и така натаму, создаваат што поголем број на бесмислени амандмани за иста работа.

Пример: во неколку амандмани ја користат измената на ваква терминологија: користат униформи / носат униформи; студентите кои што се школуваат / питомците кои што се школуваат / студентите и питомците кои што се школуваат. На крај барат и овој амандман да се избрише.

  1. Преку поднесените амандмани за вршење на високообразованата дејност на универзитетот, СДСМ поднесува десетици амандмани во кои што суштината на сите е иста, но со менување на местата на зборовите или додавање на сврзници, прилози и така натаму напишале нови десетици амандмани.

Пример: за потребите на министерството за одбрана / како за потребите на министерството за одбрана / исклучиво за потребите на министерството за одбрана; и така натаму. Пак баналности и пак кочење.

  1. Преку поднесените амандмани за изгледот и материјалот на униформите, СДСМ поднесува десетици амандмани во кои што суштината на сите е иста, но со менување на местата на зборовите или додавање на сврзници, прилози и така натаму сакаат да злоупотребат најмалку една недела низ празни дискусии.

Пример: питомците што студираат / питомците што се школуваат; ги пропишува министерството за одбрана / ги пропишува министерот за одбрана; заради потребите на министерството за одбрана / за потребите на министерството за одбрана / поради потребите на министерството за одбрана, и така натаму. Учеле граматика, пишувале амандмани, ќе држат говори со денови бес смисла и без никаква корист за граѓаните, а на сметка на нив.

  1. Преку поднесените амандмани за дејноста на универзитетот во своите единици, СДСМ поднесува десетици амандмани во кои што суштината на сите е иста, но со менување на местата на зборовите или додавање на сврзници, прилози и така натаму, повторно одолговлекуваат без никаква суштина, а на сметка на граѓаните.

Пример: високообразовна научна, истражувачка и применувачка дејност / високообразовна истражувачка, научна и применувачка дејност / високообразовна и научно-истражувачка дејност, како и применувачка дејност / високообразовна научна и истражувачка дејност;

Почитувани, СДСМ не се менува. СДСМ е истата со години. СДСМ креира кризи и надвор од ова Собрание и внатре. Ова не им е прв пат. Не се креативни и инвентивни бар да смислат нов начин за блокади. Не се креативни ниту да смислат логични и аргументирани амандмани. Ова е узурпација на Собранието и негова злоупотреба за партиски цели.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.