Димовски: Со лежење СДСМ нема да ја добие поддршката од народот

Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски денес се обрати во Собранието. Во својот говор тој истакна дека Република Македонија е парламнтарна демократија во која граѓаните избираат свои пратеници, чија обврска е да ги застапуваат и да одлучуваат во нивно име.

Димовски додаде дека Собранието на Република Македонија е државен орган каде се носат закони, каде се носи Буџет на државата, каде се носат најкрупните одлуки.

„Пратениците имаат обврска, која сами ја побарале и за која сами се кандидирале, да бидат присутни овде во Собранието, да дискутираат, да прашуваат, да одлучуваат. Секоја друга постапка, секој бојкот, уцена, деструктивно однесување, секоја блокада оди единствено на штета на државата и на нејзините граѓани.

Оправдување за неработа, за незаинтересираност, за неодговорност нема и не е возможно да има. Но, секоја партија и секој поединец пратеник одлучува за себе и треба да е спремен да ја понесе одговорноста. А за неа ќе одлучуваат граѓаните за само осум месеци.

Додека пратениците од СДСМ не работеа, во Собранието на Република Македонија се донесоа низа од значајни закони и одлуки кои се од директен интерес на граѓаните.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, од целата наша Коалицијата за подобра Македонија, но и останатите пратеници од пратеничките групи на ДУИ, ДПА и независните пратеници во изминатата година имаа интензивна и плодна работа. Сите овие деведесетина пратеници беа на ниво на обврската која ни ја дале граѓаните. Сите овие пратеници не дозволија да биде нарушено нивното достоинство и кредибилитет, да не доаѓаат на работа, а да добиваат плата, и не дозволија лично да се стават во улога на заштитници на кариери на луѓе со сомнително минато и сомнителни идеи за стабилноста и развојот на Република Македонија.

Дозволете ми, само на кратко, да набројам што се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата за подобра Македонија и воопшто пратениците на владиното мнозинство одобрија, прифатија и изгласаа во полза на граѓаните на Република Македонија.

Додека пратениците од СДСМ не работеа, ние го направивме следното:

Изгласавме нов Закон за прекршоци и низа усогласувања на закони, со кои драстично, во некои случаи и за 85%, се намалија глобите за прекршоци во Република Македонија.

Со измени во Законот за социјална заштита донесовме одлука за зголемување на социјалната помош за 10% за околу 36 000 материјално необезбедени семејства.

Донесовме низа на измени на закони со кои го одобривме проектот Македонија вработува и одделивме буџетски средства за реализација на истиот. До денес над 5 000 лица од различни категории најдоа свое работно место.

Со измени во Законото за вработување и осигурување во случај на невработеност се гарантираше зачувувањето на работното место на жени кои користат породилно отсуство, а на фирмите им се овозможи користење на буџетски средства за плаќање на придонеси на вработените на местата на оние кои користат породилно отсуство.

Со нов Закон за трансформација на работниот однос донесовме одлука на околу 3 000 лица кои повеќе години, во некои случаи и над 12 години, работата како волонтери или под времени договори, да им се трансформира работниот однос на неопределено време.

Донесовме закон за гаранција со кој Република Македонија набави нови и современи возови, прв пат после 35 години.

Со измени на Законот за детска заштита овозможивме зголемување за 25% на посебниот додаток на родители кои имаат деца со специфични потреби. На овој начим помогнавме на 1 030 родители приматели. Децата со Даунов синдром за прв пат влегоа во оваа категорија.

Со измена на Законот за здравствена заштита определивме да се одвојува по еден денар од кутија купени цигари кој ќе се издвојува како средства исклучиво наменети за лекување на ретките болести.

Донесовме измени на закон со кои ја намаливме цената за 20% на приватните специјализации.

Донесовме низа на закони за поедноставување на процедурите за изградба на нови фабрики во ТИРЗ зоните. Денес се градат такви фабрики во повеќе општини низ Македонија.

Со измените во Законот за исплата на плати донесовме одлука сите вработени во армијата, полицијата, здравството, образованието, културата, јавните претпријатија и останатите државни служби да добијат зглемување на платата за 4%.

Донесовме одлука за зголемување на износот на гарантираната минимална плата од 8 800 денари, на 9 590 денари, со одредници и за понатамошно сукцесивно зголемување на истата.

Донесовме Закон за гаранција со што овозможивме започнување на проектот за изградба на нова клиничка болница во Штип.

Донесовме и измени во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и предвидовме зголемување на пензиите за 5%.

Го намаливме данокот на додадена вредност за добиточна храна и живи животни од 18% на 5%.

Го намаливме данокот на додадена вредност за бебешки производи од 18% на 5%.

Го намаливме данокот на додадена вредност за училишен прибор од 18% на 5%.

Донесовме одлука за издавање на 4 500 вредносни ваучери за таблети за студентите.

Донесовме закон со кој им овозможивме откуп на стаж на граѓаните на кои фирмите во минатото не им платиле придонес за пензиско и инвалидско осигурување и со тоа им овозможивме да добијат право на пензија.

Со измени во закон ја подобривме можноста иселениците да ги користат придобивките на здравственото осигурување во Република Македонија.

Изгласавме измени во Законот за работни односи со кои го продолживме породилното отсуство на 15 месеци за мајките кои ќе родат две, три или повеќе деца одеднаш.

Со измени на Законот за лекови и медицински помагала го одобривме проектот за отварање на рурални и подвижни аптеки во помалите населени места во Република Македонија.

Со измени во истиот закон одобривме седмо по ред намалување на цените на лековите, овој пат беа опфатени 542 лекови, а вкупниот број на лекови чија цена е намалена со вакви одлуки веќе достигнува близу 4 000.

Донесовме закони и одлуки со кои одобривме реконструкција на повеќе патишта низ Македонија. Такви се Битола – Макази, Ресен – Буково и Бошков Мост – Дебар.

Одбривме, под посебни услови, постоење на можност за сурогат мајчинство во Република Македонија и низа законски мерки за подобрување на демографскиот индекс во државата.

Донесовме одлука за овозможување на трет бесплатен циклус на инвитро оплодување.

Со низа законски измени го олеснивме процесот на трансплатација, со што бројката на извршени трансплантации е драстично зголемена, а времето на чекање е драстично намалено.

Донесовме измени на Законот за земјоделство и рурален развој со кои предвидовме 100% обесштетување на лицата погодени од поплавите во Македонија без разлика дали се запишани во регистерот на земјоделски стопанства.

Донесовме одлука со која им гарантиравме право да се вратат на работа во јавните здравствени установи на медицинските сестри кои работеле во приватни установи основани во време на приватизацијата.

Донесовме закон за признавање на стажот на земјоделците плаќан по закон во период од 1978 до 1988, а кој не им беше признат до сега.

Донесовме одлука за понатамошно важење на стапката од 5% на данок на додадена вредност за изградба и прв промет на станови.

Со измени во Законот за катастар на недвижности овозможивме целосно бесплатна легализација на дивоградби за ранливите категории на граѓани. Огромен број на граѓани се стекнаа со правото на бесплатен елаборат.

За прв пат во Република Македонија донесовме посебен Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Овој закон нуди посебни и нови механизми за сузбивање на оваа појава.

Донесовме одлука за издвојување на дополнителни 370 000 000 денари за забрзување на изградбата на гасоводот од Клечовце до Штип.

Донесовме одлука за издвојување на дополнителни 377 000 000 денари од државниот буџет за изградба на водоводни и канализациони системи.

Со ребалансот на Буџетото донесовме одлука за издвојување на дополнителни 220 000 000 денари за изградба и реконструкција на училишта и училишни спортски сали.

Донесовме одлука за обезбедување на средства за реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев.

Донесовме одлука за зголемување на студнетските стипендии за 10%.

Донесовме измени на Законот за територијална организација на локалните самоуправи со која изменивме и дополнивме имиња на многу населени места, а на тој начин решивме административни проблеми на илјадници граѓани.

Донесовме измени на законите со кои овозможивме подобро справување со кризата со мигрантите.

Донесовме закон со кој ги ослободивме од кривично гонење близу 20 000 граѓани заради давање на непрецизни податоци во Фондот за здравствено осигурување.

Со измени во Законот за земјоделство и рурален развој донесовме одлука да им се овозможи на земјоделските производители кои произведуваат стратешки значајни земјоделски производи, покрај субвенциите да можат да добија и дополнителна финансика помош во моменти кога им е неопходна.

Донесовме одлука за бришење на камати на достасани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување со која им помогнавме на над 16 000 фирми, 5 000 земјодлеци и околу 500 лица вработени во верските заедници.

Донесовме измени на Законот за легализација со кои ја проширивме можноста за легализација на индивидуални стамбени објекти на лица кои до сега не беа опфатени со овој закон.

Донесовме одлука за продолжување на рокот за поднесување на барање за откуп на станови во општествена сопственост за сите оние лица кои не го сториле тоа до 2010 година до кога постоеше оваа можност.

Донесовме Закон за гаранција со кој овозможивме почеток на изградба на најкрупниот железнички проект, а тоа е пругата од Бељаковце до Крива Паланка.

Донесовме Закон за еднократен отпис на долгови на граѓаните со кои им беа отпишани долговите на над 13 000 граѓани.

Донесовме одлука за намалување на каматите за субвенционирани стамбени кредити во проектот Купи куќа, купи стан.

Донесовме Закон за општа управна постапка со кој треба да се подобри функционирањето на администрацијата во Република Македонија.

Донесовме измени на низа закони врз база на препораки од извештајот Doing business кои имаат за цел подобрување на бизнис климата во државата.

Донесовме Програма за национални патишта со која ја одобривме интензивната изградба и реконструкција на многу автопати, експресни, магистрални, регионални и локални патишта, како на пример Велес – Штип, Градско – Прилеп и многу други.

Донесовме одлука за воведување на Национална стратегија за заштита и користење на културното наследство.

Донесовме одлука за ратификација на Спогодбата за пристапна помош од ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година со која ќе имаме пристап до помош вредна над 660 милиони евра.

Донесовме Закон за формирање на водостпоанско претпријатие за реализација на програмата за рехабилитација, реконструкција и изградба на капитални објекти со што одобривме секоја година да се инвестираат 20 милиони евра за одржување на водостопанската инфраструктура.

Почитувани, ние сме овде избрани врз база на волјата и одлуката на мнозинството граѓани во Република Македонија. Ние имаме намера да работиме на исполнување на програмата за која сме избрани. Ние имаме достоинство и знаеме дека секогаш мораме да работиме во интерес на граѓаните и тоа ќе го правиме и во иднина.

Нема да дозволиме Собранието на Република Македонија да биде орган кој ќе се занимава само и единствено со интерсите на СДСМ или било која друга политичка партија. Нивните пратеници имаат обврска да бидат овде, да ја одработуваат својата плата, а не да бидат дел од сценарио за заштита на кариерата на оддамна пропаднати политичари.

На овој прв училишен ден се надевам дека ја научиле лекција дека со седење дома, лежење во измислени кампови на слободата, континуирана недоследност во ставовите, измислување епохални битки и тропање на тенџериња не може да сметаат на поддршката од нашиот народ кој за разлика од нив секојдневно си ја одоработува и својата плата и својата егзистенција.

Ние работевме додека други не работеа“, рече Димовски.