Димовски: Суспендирањето на работата на Анкетната комисија од страна на СДСМ – обид да се побегне од избори

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на денешната прес-конференција истакна дека суспендирањето на работата на досегашната Анкетна комисија од страна на Петре Шилегов и СДСМ е очигледен обид да се побегне од избори.

За среќа, потенцира Димовски, македонската, но и меѓународната јавност ги препознаа блефирањата на СДСМ.

Обраќањето на Димовски Ви го пренесуваме интегрално

Суспендирањето на работата на досегашната Анкетна комисија од страна на Петре Шилегов и СДСМ е очигледен обид да се најде причина повеќе односно да креираат причина повеќе за да избегаат од избори. Среќа е тоа што целата македонска јавност, но и меѓународната јавност веќе ги прочита тактиките и блефирањата на СДСМ во насока на нивната желба да избегаат од веќе договорените и изгласани со закон предвремени парламентарни избори на 24-ти април оваа година.

Сите постапки кои што Петре Шилегов и СДСМ ги направија со Анкетната комисија одеа во таа насока. Да се суспендира Анкетната комисија и да не даде резултати заради тоа што единствена политичка групација во ова Собрание која што очигледно има нешто да сокрие од сите овие афери со подземје, со прислушкување, со подметнување, со манипулации, е СДСМ. Да потсетам, дека следен кој што требаше да даде изјава пред Анкетната комисија во момент кога Шилегов ја укина Анкетната комисија беше Зоран Заев. Тој што беше следен да даде изјава е Зоран Заев.

Зошто беше суспендирана Анкетната комисија, за да не дојде ситуација пратениците во Собранието на Република Македонија да му постават десетици и десетици прашања на Зоран Заев. Со кого тој соработувал, како ги добил снимките, какви ветувања давал на домашни и меѓународни фактори, која му била целта, колку материјали има, дали се сите предадени, дали не се сите предадени, каде ги чувал во меѓувреме, каде се одвивале средбите со разни фактори за кои што се зборува во јавноста. Од тие причини нас ни е совршено јасно дека целта на Шилегов и СДСМ беше оваа Анкетна комисија да не ја заврши работата.

За жал, во Република Македонија во меѓувреме се појави нов огромен скандал поврзан со фабриката популарно наречена „Фабрика за лични карти“, но факт е дека таа фабрика имала многу повеќе линии на производство. Произведувала фалсификувани лични карти, фалсификувани македонски пасоши, произведувала фалсификувани бугарски пасоши, турски пасоши, кај себе таа фабрика чувала над 70 илјади снимки од разговори за кои што допрва треба да се утврди како стигнале до таа фабрика, кај себе таа фабрика чувала панцири, избирачки список со конкретни податоци на граѓаните таков каков што ниту една политичка партија или ниту еден поединец надвор од Државната изборна комисија и Министерството за внатрешни работи не смеат да имаат, случајно или не, со матични броеви на граѓани од Општина Центар, поседувала 120 илјади украдени идентитети и така натаму.

Како минува времето, очигледно станува јасно дека таа фабрика била политичка фабрика која што имала за цел да креира хаос во државата и да наметнува обвинувања на другата страна. Факт е дека се загрозени уставните начела за заштита на приватноста на граѓаните, но и се прекршени неколку значајни закони во Република Македонија и затоа ние ценевме дека, и не само ние, туку целокупното Собрание минус СДСМ, дека е потребно да се формира Анкетна комисија.

Иако сме со многу тесни рокови заради распуштањето на Собранието, ќе се обидеме колку што можеме повеќе да помогнеме да се дознае вистината за таа фабрика и да помогнеме на јавноста да добие прецизни и точни информации, но и да помогнеме на институциите, рече Димовски.