Димовски: Украден е суверенитетот на народот со неколку сценаријa

Украден е суверенитеот на народот со неколку сценарија, видливи и невидливи што се спроведуваат во Република Македонија и кои што се очигледни и за оние граѓани кои најмалку следат политика, рече во вечерашното издание на „Топ тема“ пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Прво обидот да се срушат институциите по насилен пат кој што за жал ни се случуваше мај минатата година, беше еден од начините како требаше да се предизвика тоа, потоа оспорувањето на легални и легитимни институции кои функционираат во една држава, претседател, Собрание, Уставен суд, јавно обвинителство, судски систем, кое што во континуитет го прави една од поголемите политички партии, за жал овие денови тоа го направи вршител на многу висока јавна фунција, госпоѓата Катица Јанева се начините како се краде легитимитетот од граѓаните, односно она што граѓаните го пласираат како изборна волја врз основа на програма и врз основа на кредибилитет, рече Димовски.

Тој нагласи дека суверенитетот од граѓаните е пренесен на Собранието, а Собранието неретко е доведено во ситуација да носи одлуки кои што не се во согласност со волјата на избирачите, но се во насока да се надмине политичката криза.

За жал, од другата страна на таа политичка криза ние имаме несовесно раководство на опозицијата кое што е спремно сите државни интереси да ги стави настрана се со цел на било каков начин да ги оправда своите досегашни изборни порази и да најде начин како на зелена маса или со манипулации да се доведе на власт. Тоа е крадењето на суверенитетот, тоа е видливо и граѓаните ќе си дојдат по тоа што им припаѓа на нив, рече Димовски.