Димовски во Кратово: Граѓаните не сакаат двојазичност, сакаат Влада што ќе продолжи да го обединува народот

ВМРО-ДПМНЕ секогаш зборува за нови инвестиции, нови работни места, за поддршка на земјоделието, на пензионерите, вработените во АРМ во полицијата, за инвестиции во здравството, истакна денеска во Кратово Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ние во Кратово нити сакаме, ниту пак граѓаните сакаат да зборуваат за двојазичноста, за редефинирање на државата, за виткање на кичмата. Тоа очигледно го дискутираат СДСМ и сите други партии, рече Димовски.

Тој посочи дека во оваа кампања ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш досега , ќе излезе со голема програма која што е направена по барање на граѓаните.

-Но, на овие избори излегуваме и со отчети зад нас, сето она што сме го сработиле за граѓаните. Во минатите години илјадници проекти се ветени, илјадници се реализирани. Она што е значајно на овие избори е да продолжиме по оваа патека и да се заштити државата од сите обиди за менување на нејзиниот лик, нејзиното битие, нејзиното име, за менување на внатрешното уставно уредување. Во Кратово граѓаните немаат намера да дозволат ниту двојазичност, нити промена на уставното име, тие сакаат Влада која што ќе продолжи да го обединува народот и да работи на подобрување на економскиот стандард, посочи Димовски.