Димовски: Заев вашата политика и нанесе голема штета на Македонија

Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција во просториите на центарот за комуникации на партијата.

Текстот од прес-конференцијата на Илија Димовски Ви го пренесуваме интегрално

Ниту еден креиран, сечен и монтиран материјал тоа не може да го промени. Вашата политика носи само штета на граѓаните, на сите, и на целата држава.

Граѓаните го видоа тоа. Илјадници и илјадници излегоа на улиците на најголемиот политички собир во демократската историја на Македонија пред Собранието, за да ви покажат дека нема да дозволат вашето сценарио за дестабилизација да се реализира до крај. Готово е. Ќе мора да го прифатите тоа.

Колку и да се обидувате со вашите неточни воведи да ја манипулирате јавноста и да пробувате да ја насочувате да размислува како што вие во СДСМ сакате и посакувате да ги осилувате вашите сопартијци, се повеќе станува јасно и од вашите креирани и сечени материјали како овие денешниве дека во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои работат за својата земја и за својот народ, дека се трудат согласно законите да реализираат проекти кои ќе обезбедат вработувања на луѓето и економски развој на државата, на ефикасна и правична борба против корупцијата со проверка на сите факти и аргументи и санкционирање на прекршителите на законите, дека работат за подобри услови за развој на културата, позитивни меѓучовечки односи и надминување на недоразбирањата, дека сме луѓе кои се самокритични во функција на подобрување на ефикасноста на реализација на проектите од кои корист ќе има народот.

Господине Заев, аеродромите кои ги изградивме, големите и малите хидроцентрали кои ги изградивме, странски инвеститори кои отвораат фабрики кај што се вработуваат луѓе од сите нации и вери, и реализацијата на над 2000 проекти се доказ дека сето она што вие го говорите и извртувате е неточно.

Благодариме што потсетувате на нашите проекти.

Јасно е веќе и за најтврдокорниот поддржувач на СДСМ кој ги слуша овие креирани материјали, дека вашето сценарио за дестабилизација пропадна, дека немате никаков аргумент за наводен сторен криминал, и дека под ваше водство СДСМ се претвори во клуб на раскажувачи и оговарачи кој работи спротивно на интересите на државата. Затоа ја немате поддршката од граѓаните, што сигурно ви е јасно и од анкетите кои ги добивате во целиот овој период.

Нашиот народ е мудар и ве прочита и вас и вашите медиуми. Безброј пати го излажавте и изманипулиравте, а тој народ памети, памети се, повеќе од тоа што вие можете да замислите и претпоставите.

Господине Заев, вашата политика и стратегија нанесе голема штета и пакост на Македонија. Вашата политика нанесе штета на меѓународниот углед на државата, на стопанската активност на претпријатијата, на меѓучовечките односи, на довербата помеѓу граѓаните од различни етнички и религиозни групи. Секој граѓанин на Македонија ја плаќа цената на вашата желба за власт.

Таа одговорност ќе си ја носите со вас, и вие и они кои ве поддржуваат, и ќе ви тежи до крајот на вашата политичка кариера.

ВМРО-ДПМНЕ е партија која работи во интерес на Република Македонија и во интерес на сите нејзини граѓани. Вашата желба за власт нема да го промени тоа.