„Динамо“ Загреб со десетмина фудбалери во полуфиналето на Мундијалот

„Динамо“ Загреб е тимот кој дава најмногу фудбалери во полуфиналето на Мундијалот, како што се пофалија од самиот клуб, што не е мала работа ако се знае дека меѓу полуфиналистите, освен Хрватска се великаните како Франција и Англија, но и Белгија.

Сметаме дека успесите на СП се одраз на добра и систематска работа во хрватскиот фудбал, особено во младите категории во кои главен збор има токму „Динамо“, велат од клубот.

Ако се земе во предвид методот на УЕФА „homegrown players“ во полуфиналето ќе улествуваат дури десетмина играчи од школата на „Динамо“. Според дефиниција на УЕФА, играчи кои потекнуваат од една фудбалска школа се сметаат тие кои поминале минимум три сезони во една средина меѓу 15 и 21 година.

 Десетмината од „Динамо“ што играат во полуфиналето се Врсаљко, Чорлука, Ловрен, Ковачиќ, Крамариќ, Модриќ, Једвај, Бадељ, Пјаца и Пивариќ.

Зад загрепскиот клуб се великаните „Манчестер Јунајтед“ и „Андерлехт“ со по петмина фудбалери колку што има и „Стандард“ од Лиеж, „Генк“ има четворица, а „Ајакс“ и „Лил“ по тројца играчи. Интересно е дека меѓу овие тимови еден е од Холандија, која воопшто не се пласираше на Мундијалот. Исто така многумина репрезентативци од Белгија и Франција потекнуваат од фудбалските школи на нивните ривали.

Па така меѓу петмината од „Јунајтед“, тројца се Британци- Велбек, Рашфорд, Лингард, а Јанузај е Белгиец, а Погба Французин. Јанузај интересно е дел и од петмината од „Андерлехт“ заедно со Компани, Лукаку, Тиелеманс и Дендонкер. Меѓу тројката од „Ајакс “ се Белгијците Алдерверелд, Вермален и Вертонген. Меѓу двајцата Французи од „Лил“, Павард и  Сидибе се наоѓа и најдобриот белгиец, Еден Азар.