Дион Диксон и Дамјан Стојановски на чекор до МЗТ Скопје

Американецот Дион Диксон, кој веќе е во Скопје, се очекува следните денови и официјално да потпише договор со македонскиот шампион. МЗТ Скопје преку својата официјална веб-страница потврди дека Диксон е ново име во нивните редови, најавувајќи дека тој своето деби во дресот на „металците“ ќе го има в недела, на дуелот на домашен терен против Цедевита.

Диксон најверојатно ќе го завземе местото во тимот на Грузиецот Цинцадзе, кој беше донесен на барање на Змаго Сагадин, но по заминувањето на Словенецот, најверојатно и Цинцадзе ќе ги спакува куферите.

Американецот Диксон не е единствениот на листата со желби. Новиот тренер Врбица Стефанов ги интензивира напорите за да го доведе во својот тим и репрезентативецот Дамјан Стојановски. Врба не криеше дека враќањето на Дамјан му е еден од приоритетите, но по мечот со Шолнок најави дека двете страни се далеку од договор. Сепак, откако Стефанов и Стојановски се сретнале и разговарале, ситуацијата значително се подобрила.

Она што е сигурно е дека на шампионот очајно му се потребни засилувања, па ова се очекувани потези на раководството на клубот.