Дваесет години дипломатски односи меѓу Македонија и Грција (фото+видео)

Македонската Амбасада во Атина денеска организира прием по повод 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Грција и 24 години независност на нашата земја. Неименуван грчки дипломат брифира дека не се очекува голем напредок во решавање на спорот, па оттаму ,,првиот чекор ќе биде имплементирање на мерките за градење доверба што беа договорени во јуни месец.

Дваесет години од потпишувањето на времената спогодба

Македонија и Грција на 13-ти август 1995 година потпишаа Времена спогодба со која воспоставија дипломатски односи и презедоа одредени обврски, но не дојдоа до решение на проблемот што Грција го има со нашето уставно име.

Дваесет години подоцна, спорот меѓу Грција и Македонија се уште е отворен и шансите за решавање се речиси никакви, со оглед на тоа што Атина инсистира на своите црвени линии, а тоа е име со географска одредница за секаква употреба.

Со Времената спогодба, Македонија се согласи да го смени своето знаме и да го дополни Уставот во делот на преамбулата каде што се вели дека Македонија нема никакви територијални претензии кон ниту еден од нејзините соседи.

Грчката страна се обрврза да не го попречува патот на Македонија кон зачленување во меѓународните институции и слично. Барањето за зачленување може да биде под уставното име, но Грција го задржува правото на блокада на прием ако тој не е под времената референца. Во овој договор, Македонија и Грција се ословени како првата и втората страна, или по името на главните градови Атина и Скопје.

Грција ја прекрши Времената спогодба

На 3-ти април 2008 година, Грција ја прекрши Времената спогодба и на Самитот на НАТО во Букурешт, Грција ја блокираше поканата за Македонија за членство во Алијансата. И покрај залагањето на неколку водечки земји за прием на Македонија, меѓу кои и САД, Грција не даде согласност за покана на Македонија, образложувајќи го тоа со „лошите соседски односи“ поради нерешениот проблем со името.

Грција ја прекрши Времената спогодба и на Самитот на НАТО
Грција ја прекрши Времената спогодба и на Самитот на НАТО

На 17-ти ноември  истата година Македонија покрена правна постапка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција. Македонија поднесе Апликација до Регистарот на Судот со цел да и се наложи на Грција да ги почитува своите правни обврски предвидени во Времената спогодба, која е правно обврзувачка за двете земји.

sud-hag-presuda

Судот во Хаг пресуди дека Грција го прекршила членот 11 од Времената спогодба со блокирањето на приемот на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008. И покрај се, Грција до денес не го промени својот став. Додека НАТО и меѓународната заедница повикуваат на почитување на меѓународното право за решавање на други спорови и конфликти, македонските власти постојано повикуваат на почитување на истото преку признавање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата дека Грција не смее да не блокира во членството во Алијансата.


Билатералните односи меѓу Македонија и Грција се придвижија во последните неколку месеци со мерките за градење доверба. Двете земји моментално преговараат за 11 конкретни марки за доверба од образованието, здравството, надворешните работи и слично.

Македонија ја нема во агендата на новата грчка влада

Македонија ја нема во агендата на новата грчка влада. Грчките медиуми ова го констатираа по објавувањето на составот и приоритетите на новиот мандат на Премиерот Ципрас и неговиот кабинет. Според грчките новинари не се очекува голем напредок во решавање на спорот за името.

Средба Попоски – Коѕијас: Договорени 11 мерки за практична соработка
Средба Попоски – Коѕијас: Договорени 11 мерки за практична соработка

Неименуван грчки дипломат брифира дека не се очекува голем напредок во решавање на спорот, па оттаму ,,првиот чекор ќе биде имплементирање на мерките за градење доверба што беа договорени во јуни месец помеѓу шефовите на дипломатиите на двете земји Коѕијас и Попоски.

 

За мерките за градење доверба што беа договорени во јуни повеќе на следниот линк.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.