Директна авиолинија Скопје – Рим

Италијанската авиокомпанија „Алиталија“ од денеска ќе сообраќа на директната авионска линија Скопје – Рим.

Летовите ќе се одвиваат секој ден од главниот римски аеродром „Фијумичино” до „Александар Велики” во Скопје, со авиони ембраер Е-175. Авионот од Рим ќе биде пречекан денеска во 15 часот и 45 минути со воден мост.

Во мај ќе се работи со редуциран распоред со 30 повратни лета Рим – Скопје – Рим, а од јуни целосен распоред со секојдневно летање. Од 1 јуни од Скопје авионите на „Алиталија” ќе полетуваат во 5 часот и 30 минути со пристигање на „Фијумичино” во 7 часот и 20 минути (во понеделник, вторник, петок и во сабота), како и во 17 часот и 5 минути со пристигање во Рим во 18 часот и 55 минути (во вторник, среда и во сабота).

Летовите од Рим ќе бидат во 21 часот и 30 минути со пристигање во Скопје во 23 часот и 20 минути (во понеделник, четврток, петок и во недела) и во 14 часот и 35 минути со пристигање во Скопје во 16 часот и 25 минути (во вторник, среда и во сабота).

„Со ова ново директно поврзување за Рим, „Алиталија” има цел да го зголеми туристичкиот сообраќај кон главниот град на Италија, како и директно да одговори на зголемената побарувачка за летови меѓу Македонија и Италија, која е резултат на засилената економска соработка и трговска размена меѓу двете земји,“ соопшти претставништвото на „Алиталија” од Белград.

„Алиталија” го назначи „ВАС туроператор“ од Скопје како генерален агент за територијата на Македонија, кој ќе нуди информации, резервации и авиобилети.

Извор: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.