Директорите поблизу до пациентите, се воведуваат приемни денови

Сите директори на Јавни здравствени установи на секундарно и терциерно ниво од почетокот на месецов се задолжени да определат приемен ден за пациентите, на кој ќе можат непосредно да комуницираат со нив и со медицинските сестри и да упатат секаква пофалба, критика, поплака за работењето на установата, истакна денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.

Тој нагласи дека на овој начин ќе се овозможи полесна комуникација помеѓу пациентите и директорите и медицинските сестри.

-Директорите се оние кои секогаш кога тоа ќе биде потребно ќе бидат тука за пациентите за да ја ислушаат секоја нивна поплака, критика, како и да им дадат совет. Доколку има поплака, при непосредната комуникација ќе биде утврдено дали истата е со причина или не. Во случај на утврдување дека постои вина ќе бидат преземени санкции, истакна Тодоров.

Тој потенцира дека во секоја здравствена установа треба да бидат определени неделно минимум два термини, кои ќе траат по 3 часа, од кои еден термин ќе биде за директорот, еден за медицинската сестра.

-Секоја установа има утврдено термини кои се јавно истакнати, а тимот од директор и сестра треба да бидат отворени за прием и сослушување на пациентите, рече Тодоров, кој додаде дека во текот на приемните термини ќе присуствува и по еден администратор на Мој термин.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.