Директорот на ЦИА нареди реконструкција на Агенцијата

Директорот на ЦИА, Џон Бренан нареди поширока внатрешна ревизија, која би можела драматично да го смени начинот на организирање на Агенцијата, објави МИА.

Во пораката до вработените од 24 септември, Бренан наведува дека е „време добро и искрено да се погледнеме себе си и да се запрашаме дали Агенцијата треба да се реструктуира за да биде поефикасна“.

– Споменав неколку пати во текот на минатата година дека сум се повеќе убеден дека е дојдено време добро да погледнеме како сме организирани како Агенција и дали на нашата сегашна структура и начин на работа им е потребно прилагодување за да се обезбеди нашиот иден успех, нагласил Бренан во пораката.

Бренан, кој некогаш работел како разузнавач, истакна дека е изненаден како технолошкиот напредок сега и овозможува на Агенцијата да ги искористи податоците и експертизите „во реално време“.

За сериозните структурни промени прв пишуваше весникот „Вашингтон пост“, наведувајќи дека ревизијата на работата предвидувала одвојување на отсекот за шпионирање и анализа, со цел да се создадат посебни единици за географските региони кои се ризични по интересот на САД.