ТОП,Македонија

Директорот на „Проаква“ – Струга потрошил над 98.000 евра на компанијата во ресторани

Директорот на „Проаква“ – Струга потрошил над 98.000 евра на компанијата во ресторани

Неверојатни 98.384 евра потрошил директорот на „Проаква“ – Струга во период од три години за угостителски услуги претежно од ресторани од Струга.

Струшката полиција поднесе кривична пријава против 36- годишниот В.К. од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „несовесно работење во службата“.

Пријавениот, како што информираат од МВР во текот на 2013, 2014 и 2015 година, во својство на директор во МЈП „Проаква“-Струга, со несовесно работење и трошење на средствата за угостителски услуги, на јавното претпријатие му нанел вкупна материјална штета од 6.001.442 денари, или 98.384 евра.

Пријавениот парите ги исплаќал исклучиво за користење на угостителски услуги претежно од ресторани од Струга.

По извршениот увид во книговодствената и правната служба како и во финасиските картици на ЈП ,,Проаква“, полициските службеници утврдиле дека од сметката на подружниците ,,Водовод“ и ,,Колектор“, на име угостителски услуги или репрезентација, за цела 2013 година се потрошени 2.256.169 денари.

За истата намена, во 2014 година биле потрошени 2.217.937 денари, додека во 2015 година за  угостителски услуги или репрезентација, од сметката на Јавното претпријатие  биле платени 1.527.336 денари.

При извршен увид во финансиските картици, дополнително било утврдено дека одредени фактури доставени од некои угостителски објекти ги немаат потребните печати и штембили за исправна фактура.