Ѓоковиќ преку Федерер стигна до третата грен слем титула оваа година

Новак го совлада Федерер во финалето на УС Опен и се закити со третата грен слем титула годинава

Ѓоковиќ успеа да го победи Федерер со 3:1 (6:4, 5:7, 6:4, 6:4) и да ја освои вкупно третата грен слем титула оваа година, а вкупно десетта во кариерата.

Иако финалниот меч поради дожд доцнеше повеќе од три часа, сепак навивачите останаа на трибините, а и не треба да жалат. Ѓоковиќ и Федерер одиграа одличен и крајно возбудлив меч, а Србинот успеа да слави и покрај тоа што речиси сите присутни навивачи го бодреа швајцарскиот тенисер.

Ова е неверојатна сезона. Покрај онаа во 2011 веројатно најдобра во мојот живот. Но оваа година повеќе уживам затоа што сум сопруг и татко. Го сакам овој спорт. Овие резултати и остварувања ми се дополнителна мотивација да продолжам понатаму, истакна по мечот српскиот тенисер кој во финалето проживеа бројни емоции, но на крајот се издигна над сите нив.

До финалето на турнирот, Федерер немаше изгубено ниту еден сет, но сепак Ѓоковиќ одигра одличен меч и успеа да го спречи налетот на Швајцарецот во борбата за нова грен слем титула.