Спорт

Ѓуровски и Тасевски “решетаат” во фудбалското првенство на Тајланд

Ѓуровски и Тасевски “решетаат” во фудбалското првенство на Тајланд
Ѓуровски повторно стрелаше за својот тим

Муанг Тонг, тимот каде настапува Марио Ѓуровски во натпревар кој изобилуваше со погодоци славеше на гости кај Бангкок Јунајтед со 3:5, со што и понатаму има шанси за титулата, бидејќи има три бода помалку од лидерот Бурирам Јунајтед, но и натпревар помалку.

Ѓуровски беше еден од најдобрите на мечот, во 28-та минута изнуди пенал за својот тим, а на почетокот на вториот дел израмни на 2:2. По многу пресврти, Муанг Тонг победи благодарение на трите гола во последнитe 15 минути.

Дарко Тасевски, пак, со Бангкок Глас ремизираше на гости кај Чонбури (2:2) и дефинитивно испадна од борбата за титулата бидејќи сега заостанува десет бода.

Сепак, тоа не му пречеше на нашиот фудбалер во 86-та да намали од пенал, кој самиот го изнуди, со што го најави израмнувањето кое дојде во последните моменти од мечот.

Тасевски и Ѓуровски се одлични оваа сезона на Тајланд. Тасевски веќе има девет гола за својот тим и се наоѓа на делба на деветтото место на листата на стрелци, додека Ѓуровски има шест гола, но со пет асистенции е на седмата позиција на листата на најдобри додавачи.