ДКСК: Нејасно е зошто Шилегов во анкетниот лист дал контрадикторни податоци

Во врска со некои нејаснотии што се создаваат во јавноста за имотната состојба на пратеникот Петре Шилегов, Државната комисија за спречување на корупцијата, во интерес на фактите и правото на граѓаните да добијат релевантни информации денеска излезе со соопштение во јавноста. Во продолжение проследете го интегралниот текст од соопштението.

Петре Шилегов по изборот за пратеник во Собранието на Република Македонија, на ден 09.06.2014 година има поднесено анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупцијата.Податоците добиени од пратеникот се објавени на ВЕБ страницата на Државната комисија такви какви што се дадени, дека пратеникот Шилегов како сопствен имот има стан и куќа, а дека неговата сопруга остварува закупнина без да биде наведено дека сопругата поседува каков и да е недвижен имот.

Истиот пратеник, на ден 20.01.2015 година до Државната комисија достави писмено известување во кое бараДржавната комисија „да изврши исправка на податоците“дека пријавената закупнина е негов личен имот, а не на неговата сопруга и дека пријавените банкарски депозити и наведениот долг се на негово име а не на име на сопругата.Како прилог пратеникот доставува документи од кои се гледа дека и станот и договорот за закуп се на негово име уште во времето кога е поднесен анкетниот лист. Нејасно е зошто пратеникот во поднесениот анкетен лист дал контрадикторни податоци.

Она што паѓа во очи е потребата на Петре Шилегов тоа да го прикаже како грешка на Државната комисија па во дописот од 20.01.2015 година бара Државната комисија да се корегира иако за тоа не постои реална основаност односно не е направена никаква грешка туку се пренесени податоците од анкетниот лист поднесен од пратеникот.

За целосно информирање на јавноста Државната комисија потврдува дека податоците од анкетните листови што ги објавува на својата ВЕБ страница произлегуваат од поднесокот што го дава законскиот обврзник и каква е да е промена врши по поднесена пријава од обврзникот.