Дневен центар за аутизам отворен во Штип

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска беше во посета на општина Штип каде отвори Дневен центар за аутизам, имаше средби со граѓани и изврши увид во работите за реновирање на Центарот за социјални работи.

– Овој дневен центар ќе претставува одлична поддршка на родителите на децата со аутизам, ќе работи на градење и развивање на способностите кои што ги имаат децата со аутизам, ќе работи на стручна подготовка на овие деца, ќе вработи соодветен дефектолог, логопед, социјален работник и психолог. Понатаму ќе реализираме и низа на обуки и доостручување на кадарот којшто работи во овој, меѓутоа и во сите останати дневни центри, рече министерот Спасов по отворањето на Центарот.

Додаде дека тој е резултат на инвестицијата на МТСП, на Центарот за социјални работи и големата поддршка на Општина Штип.

– Средствата за градежните работи за адаптација ги издвои МТСП, додека пак опремата ја обезбедивме од средствата на Центарот за социјални работи за денес да имаме еден современ, модерен дневен центар со посебна сензорна соба и со сите пропратни простории коишто се потребни согласно стандардите за функционирање на еден ваков објект кој е од особен интерес за родителите, меѓутоа и за децата со аутизам во оваа, но и во околните општини, потенцира министерот за труд и социјална политика.

Тој изјави дека во рамки на денешната посета на Штип заедно со градоначалникот Илчо Захариев и пратеници кои живеат во овој град оствариле и средби со граѓани, родители на деца со пречки во развојот.

– Разговаравме за тековни проблеми со коишто се соочуваат, за предизвици со коишто се соочуваат родителите на деца со пречки во развојот, меѓутоа исто така разговаравме и за нивните планови и потреби во наредниот временски период, истакна Спасов.

Градоначалник на Штип Илчо Захариев изразувајќи задоволство од отворањето на овој Центар истакна дека со него се решава еден децениски проблем за децата кои имаат аутизам.

– Благодарение на Владата која ни го преотстапи просторот, благодарение на МТСП и пред се на големите барања на самите родители од денеска почнува да работи овој центар. Ова е втор центар во државата после Скопје. Јас се надевам дека од денеска животот на овие деца ќе биде променет, ќе им олесни многу на родителите и верувам дека крајниот ефект ќе биде многу позитивен за тие деца, истакна Захариев.

Министерот Спасов денеска го посети и Центарот за социјални работи во Штип, кој е во фаза на реконструкција како дел од проектот за реновирање и реконструкција на центрите за социјална работа ширум Република Македонија.

– Очекувам градежните активности да завршат за околу 15-20 дена, најмногу до месец дена, и овој објект којшто е стар повеќе од 50-60 години да има едни нови модерни и современи услови за работа на вработените, на стручните работници, но и за прием на граѓаните коишто ги остваруваат своите права и услуги од системот на социјална и детска заштита, истакна министерот Спасов.

Тој информира дека интензивно се работи на реновирање на сите центри за социјална работа. Има голем инвестициски циклус, рече тој, за целосна промена и модернизација на условите во центрите за социјална работа.

– Досега се заврши со реновирање и реконструкција на шест центри. Во интензивна и завршна фаза на реализација се пет центри за социјална работа меѓу коишто е и овој во Штип и набрзо очекуваме да започне третата фаза, односно веќе следниот месец да започне третата фаза за реновирање на 18 центри за социјална работа, рече Спасов.

Вкупно 120 милиони денари се издвоени за реновирање и подобрување на условите во 29 центри за социјални работи во Македонија.

Министерот Спасов информира дека со градоначалникот Захариев разговарал и за изградба на детска градинка во населбата Сењак во Штип која би почнала во 2016 година при што општината би ги обезбедила средствата за изградба на објектот, а МТСП проектната документација и опремувањето на новата градинка. Изрази надеж дека таа би можело да биде пуштена во употреба кон крајот на наредната година.

Градоначалникот на Штип истакна дека изградбата на детската градинка ќе биде голем проект затоа што, како што рече, моментално 200 деца се на листата на чекање да влезат во детските градинки.

– Мислам дека изградбата на детската градинка во населбата Сењак за која веќе има локација и градежна маркица заедно со поддршка на МТСП идната година ќе биде реалност и оти на таков начин на стотина ќе го решиме овој проблем. Ќе остане потоа да изградиме уште една детска градинка во друга населба каде има потреба, рече градоначалникот Захариев и додаде дека на таков начин комплетно би се решил проблемот со згрижувањето на децата од претшколска возраст.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.