Дневен центар за згрижување деца во социјален ризик отворен во Прилеп

Дневен центар за згрижување деца во социјален ризик е отворен денеска во кругот на Работничкиот универзитет во Прилеп. Ова е петти Дневен центар во земјава со цел децата да се ресоцијализираат и да им се даде социјална грижа.

На отворањето присуствуваа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорката на прилепскиот Центар за социјални работи Снежана Јованоска и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

– Во земјава сега има пет дневни центри од кои три се во Скопје и по еден во Битола и Прилеп. Функцијата на овие дневни центри е центрите за социјална работа и стручните тимови да им дадат поголема поддршка и да им помогнат во реинтеграцијата и ресоцијализацијата на децата во социјален ризик, во поддршка на децата во нивно запишување во основно образование, изјави Спасов.

Дневниот центар ќе работи од 8 до 16 часот, а во него децата ќе може да се хранат и да добиваат одредени хигиенски препарати и останати услуги од стручниот тим.

– Ова е проект на Министерството за труд и социјална политика. Градежните работи за целосно реновирање и ставање во функција на овој објект чинеа околу 3,5 милиони денари. Дополнително околу 1,5 милиони денари беа потребни за негово опремување. Министерството планира уште еден ваков Дневен центар за деца во социјален ризик да отвори и тоа во западниот дел на Македонија во 2016 година. Капацитетот на прилепскиот Дневен центар е за 30 деца, изјави Спасов.

Според евиденцијата на Министерството, лани се регистрирани вкупно 100 деца во земјава во социјален ризик.

Директорот на прилепскиот Центар за социјални работи Снежана Јованоска објаснувајќи како ќе функционира Дневниот центар, нагласи дека веднаш ќе почнат да работат со шест деца.

– Започнуваме со работа со шест деца со комбиниран стручен тим и со помош од локалната самоуправа. Тимот е од четири лица. Ќе работат психолог и социјален работник, како и две лица од општината. Ќе бидат згрижувани деца од ранливи категории, деца од социјален ризик. На почетокот ќе настојуваме да дадеме поддршка, ќе ги подготвиме децата за да бидат вклучени во системот на образование и ќе им биде обезбеден еден оброк. Треба да им се овозможи да ги стекнат сите хигиенски навики и навиките на однесување. Превозот на децата до Центарот и до нивните домови ќе биде бесплатен, рече Јованоска.

Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека општина Прилеп парично и со стручни тимови ќе помогне во функционирањето на Дневниот центар за децата во социјален ризик.

– Ние соработуваме со Министерството за труд и социјална политика и ова е прв заеднички проект годинава. Досега работевме на обновување на градинка во Прилеп, отворање нова во населеното место Тополчани, а во иднина ќе се отворат уште две во прилепските села, додаде Ристески.