„Дневник“: „Ал Џезира“ збудале во конзистентноста

Нападот на полициската станица во село Гошинце, во близина на границата меѓу Македонија и Kосово, кој се случи синоќа, предизвикува загриженост, сомнеж, но и отворени обвинувања дека зад инцидентот стои владата на премиерот Никола Груевски и неговиот коалициски партнер Али Ахмети. Со оваа реченица балканскиот сервис на арапската „Ал Џезира“ завчера известуваше за инцидентот во Гошинце кога 40-ина вооружени лица влегоа во полициската караула, за што одговорноста ја презеде УЧK – Национална ослободителна војска на извесен командант Фљамури, пишува весникот „Дневник“.

Весникот наведува дека точно пред еден месец, оваа телевизија преку документарец за Македонија „Луѓе и моќ: Македонија зад фасадите“ изработен од „Ал Џезира Инглиш“ прикажа сосема поинаква слика за Македонија.

Во контроверзниот документарец, кој предизвика бурни реакции кај македонската јавност, Македонија е прикажана како држава во која растат етничките тензии и е на работ на војна.

Ако се земе во предвид дека истата телевизија за еден месец прикажува сосема поинаква слика за Македонија, тогаш се отвара дилемата: на која „Ал Џезира“ да веруваме, на онаа што практично ни предвидува меѓуетнички конфликт каде што ќе се борат и косовски Албанци или на таа што вели дека косовските Албанци што влегоа во Гошинце се монтиран инцидент на власта?

„Дневник“ нагласува дека филмот за Македонија, „Ал Џезира“ го почнува со коментар дека македонската влада одново ја пишува националната историја, но дека албанското малцинство е тоа што ги трпи последиците од тоа. Додека вртат снимките од насилните протести против апсењата и пресудите за случајот „Монструм“ од лани и преклани, авторот на филмот, кој ни остана непознат (освен што во меѓувреме дознавме кога влегувал и излегувал од Македонија и кој овде го пречекувал) поради тоа што самата телевизија не сакаше да го открие, коментира дека етничките тензии растат, а опозицијата вели дека власта ги користи цивилите за да го покрие незадоволството од неа.

– Ако дојде до конфликт во Македонија ние ветераните ќе се бориме со нашите браќа таму. И тоа не само ние ветераните, туку сите косовски Албанци ќе застанат на страната на Албанците во војната во Македонија, изјавува претседателот на ветераните на УЧK Смаљ Елезаи од Приштина за филмот на „Ал Џезира“, кој коментира и дека случајот „Монструм“ е наместен и дава оцена на меѓуетничките односи во Македонија.

За терористичкиот напад врз касарната Гошинце „Ал Џезира“ пак, пренесува дека „независни аналитичари и медиуми на албански и македонски јазик отворено укажуваат дека инцидентот е смислена провокација на власта, со цел вниманието на јавноста да биде одвлечено од актуелната криза што ги разниша темелите на актуелната влада со што е неизбежно нејзино заминување од власта. Во извештајот, новинарот на „Ал Џезира“ коментира дека провладините медиуми и професионалните медиуми практично сосема различно известуваат за настанот. Притоа за провладините медиуми авторот не повикувајќи се на никакви изјави коментира:

„Заедничко за првите коментари на медиумите под контрола на власта, кои како да имаат еден извор, е дека за овој инцидент го обвинуваат лидерот на опозицискиот СДСМ Зоран Заев. Неговата вина е што преку аферата прислушување, наводно, открил државни тајни и дека со неименувани странски непријатели работи на дестабилизација на државата. Заев е еден од осомничените во судскиот случај „Пуч“ кој, според многу оцени, е монтиран. Главна и единствена вина на Заев, ако воопшто е вина, е тоа што обелодени мегаскандал за прислушување. Снимките што досега се објавени сведочат за криминал, корупција, кршење на закони во кои се вмешани премиерот Груевски и неговите најблиски соработници“.

Во прилогот на „Ал Џезира“ за ваквите тврдења се повикуваат на изјави на Имер Селмани, Благоја Марковски и на пародија на соопштението на УЧK објавено во опозициските медиуми, но без да ги пренесат во целост нивните изјави.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.