„Дневник“: До крајот на мај можна пресуда за Заев и за Верушевски?

Дали денешниот распит на осомничените во случајот „Пуч“ ќе биде последен пред Обвинителството да ја донесе конечната одлука дали ќе поведе обвинителен акт и ќе почне судењето за овој случај?

Весникот „Дневник“ повикувајќи се на неофицијални информации од истрагата пишува дека надлежниот обвинител е при крај со собирањето на доказите и дека за очекување е неговата одлука дали ќе поведе кривично гонење и против кого да биде донесена до средината на месецот.

Според весникот, тоа би значело дека правната разрешница на случајот, во кој како осомничен се јавува и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за две тешки кривични дела (насилство на највисоките претставници на државата власт за уцената врз премиерот Никола Груевски и за оддавање државна тајна со објавувањето снимки од безбедносни структури за набавка за опрема на Министерството за внатрешни работи), би можело да се очекува за само два месеца, односно некаде кон средината на јуни.

Од друга страна, на брза и ефикасна судска постапка апелираат и политичките аналитичари и експертите по безбедност. Поради специфичноста на случајот, тие велат дека Јавното обвинителство и судот треба што поскоро да донесат одлуки со цел да не се дозволи граѓаните да се почувствуваат несигурно и да добијат претстава дека секој може да си игра со државата и нејзиниот углед.

Од поднесувањето на кривичната пријава на МВР на 31 јануари против шестмина осомничени (поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, потоа неговата сопруга, двајца припадници од МВР, Заев и негов соработник во општина Струмица) за кривични дела против државата, главно шпионажа и за неовластено снимање и објавување телефонски разговори поминаа повеќе од два месеца. Една пресуда, и тоа осудителна, со која се потврдува делото, веќе е донесена врз основа на признание од вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање, кој призна дека за материјална корист по налог на Верушевски неовластено снимал телефонски разговори за странски служби. За останатите обвинети се` уште се чекаат обвинителен акт и судска постапка.

„Дневник“ ја цитира изјавата на поранешниот пратеник, сега политички аналитичар Александар Пандов, кој вели дека со брзата правна разрешница ќе се разреши и политичката криза во која западна државата поради незаконското дејствување на Заев.

– Сега сме сведоци на две ситуации, една кога се напаѓа системот секојдневно преку објава на т.н. бомби од страна на Заев и друга кога ВМРО-ДПМНЕ како реакција организира политички митинзи или се активираат и граѓански движења за одбрана од нападите. Сето тоа го парализира целокупното општествено живеење. Kога би имале правна разврска, се` ова би се нормализирало, особено политичката сцена. Според мене, Македонија е заложник на однесувањето на Заев, но заложник е и неговата партија бидејќи ако тој продолжи да дејствува, на овој начин СДСМ нема да може да направи каква било друга активност. Kога тој би бил осуден во брза правна постапка, што за мене значи затворска казна, тогаш во СДСМ ќе се отвори место за нов лидер и ново раководство, кое ќе има шанса да заземе европски начин на партиско дејствување, ќе има време да напише програма и на наредните избори да понуди конкретни предлози за граѓаните со кои ќе  конкурира на ВМРО-ДПМНЕ – вели Пандов.

Согласно со законските процедури и рокови, но и политичкиот момент, тој прогнозира дека целиот случај би завршил за два месеца.

Деканот на Воената академија, Орце Поповски, исто така се надева на ефикасна разрешница на случаите, сеедно каква таа ќе биде.

– Според мноштвото анкети, досега граѓаните изразуваат доверба во органите на безбедноста, АРМ и полиција. Сега сме соочени со лавина напади на безбедносниот систем, од оддавање државни тајни, информации за специјалните сили и слично, со цел да се поттикне реакција кај широките народни маси. Засега таква реакција немаме, но ако и понатаму се остави да се поттикнува негативното мислење за нив, тогаш може да има катастрофални последици врз безбедноста. Динамиката на правната постапка не може да се предвиди, но јасно е дека мора да има правна разрешница час поскоро. Секое решение и пресуда за овој случај, какво и да е, е подобро од оваа ситуација во која сме сега, вели Поповски.

За ова прочитајте повеќе во „Дневник“.