четврток, 1 декември 2016  |  Вести денес: 9

Дневник: ДУИ со големи изборни апетити – Ахмети за премиер

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по изборите на 11 декември ја пикира премиерската фотелја.

дуи

Поврзани вести

Висок функционер на ДУИ за „Дневник“ истакна дека ова не е неизводлива мисија, туку цел на интегративците на предвремените парламентарни избори доколку поради изборниот резултат лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, како претенденти за премиерската функција не успеат да состават влада.

Тоа што е новина за изборите на 11 декември во албанскиот политички блок е дека и ДУИ и ДПА излегуваат со кадровски позиции што ќе ги стават на маса пред македонскиот партнер и пред денот на гласањето, односно и пред да се знаат победниците од македонскиот и од албанскиот блок.

Ахмети, освен премиерското столче, ги мерка и сите економски ресори, а лидерот на ДПА, Мендух Тачи, се мести за вицепремиер во новата влада со право на вето.

Од ДУИ велат дека остануваат на позицијата дека на една од трите највисоки државни функции – премиер, претседател на Собранието и шеф на државата – треба да биде Албанец.

Наша цел е премиер на Македонија да биде Али Ахмети. Ова не е невозможно. Без оглед дали на изборите ќе победи ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, можно е мандатарот Никола Груевски или Зоран Заев да не успеат да состават влада. Без ДУИ, односно без прифаќање на нашата платформа, ниту една македонска партија која ќе победи на изборите не ќе може да состави влада. Во таков случај шефот на државата мандатот за новата влада ќе треба да му го даде на Ахмети, односно на ДУИ како трета партија според бројот на освоените гласови на изборите, вели за Дневник висок функционер на ДУИ.

Оваа варијанта е тешко изводлива доколку една од македонските партии успее да освои 63 пратенички мандати.

И покрај оптимизмот на ДУИ, сепак мали се шансите ни Груевски ни Заев да не успее да состави влада без оглед колку мандати ќе освои бидејќи отворено е прашањето како на изборите ќе поминат двете македонски коалиции „За промени и правда“ и „ВМРО за Македонија“, како и партиите ЛП и Левицата. Оттука, можни се секакви комбинации за состав на новата влада.

Од ДУИ на ова велат дека без оглед дали коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ постизборно ќе коалираат со некоја од македонските партии или коалиции, ако и колку пратенички мандати освојат тие, можно е да не се формира влада ако партиите на Албанците не го прекршат воспоставениот принцип владата да ја формираат победничките партии од македонскиот и од албанскиот блок. ДУИ игра и на картата дека, освен нив, и другите партии на Албанците што ќе учествуваат на изборите веќе се изјасниле дека нема да влезат во влада доколку македонската победничка партија не ја прифати нивната платформа. Оттука, неизвесно е дали некоја од партиите на Албанците ќе ризикува да биде дел од новата влада иако не е победник во албанскиот блок.

Уставно-правно нема пречка македонските партии да направат влада, но во 25 години плурална Македонија немало случај во владата да не партиципира партија на Албанците.

Според Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата. Владата, по предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Доколку во првиот обид мандатарот не успее да состави влада со поддршка од 61 пратеник, тогаш претседателот на државата го доверува мандатот на оној што ќе обезбеди гаранции дека ќе го има потребното мнозинство.

Неизвесно е колку овие засега хипотетички комбинаторики може да бидат реален предизвик по 11 декември.

Од ДУИ истакнуваат дека доколку премиер биде Груевски или Заев, тогаш остануваат на позицијата тие да ја добијат функцијата претседател на Собранието, а кадар на ДУИ да биде министер за внатрешни работи или директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБK). Во претстојниот мандат ДУИ ќе инсистира да раководи со сите економски ресори, вклучително и со Министерството за финансии.

Најчитани вести