ДНЕВНИК: Филтерот на СДСМ направи хаос во Избирачкиот список

Kако се случи јавни личности, политичари, граѓански активисти и познати професори да се најдат на листата меѓу 39.502 спорни гласачи по иницијатива на СДСМ?

Kако е можно по вкрстената, детална проверка на податоците за гласачите – каква што не е направена никаде во Европа, јавни личности, кои бездруго секојдневно ги гледаме, да бидат на списокот со гласачи што треба да бидат избришани доколку не се пријават дека ќе го остварат своето гласачко право, пишува Дневник.

За овој апсурд, што веќе неколку дена прави забуна кај јавноста и гласачите, претседателот на Државната изборна комисија, како единствена надлежна за Избирачкиот список, очигледно не чувствува потреба да објасни. Тој не одговара на телефонските повици на новинарите ниту, пак, излезе со какво било соопштение.

Дополнителни 33 прашањa, „Дневник“ од свои извори во ДИK дознава дека причина што имињата на некои гласачи се најдоа меѓу сомнителните се пет од 33-те прашања, кои членовите на ДИK од СДСМ, Игор Милев и Виолета Дума, инсистирале да бидат направени како дополнителен филтер по вкрстената проверка на податоци од повеќе од 10 државни институции. Интересно е што и Дума и Милев цело време додека траел процесот на проверка, како и сите останати членови, биле директни сведоци на нелогичните резултати од проверката и точно знаеле дека на крајот спорни ќе бидат прогласени апсурдни имиња, но, сепак, оставаат да тлее забуната во јавноста. Епилогот е предизвикување уште поголема недоверба во Списокот. Дума и Милев не одговараат на нашите телефонски повици за да ја објаснат ситуацијата.

„Дневник“ дојде до дел од прашањата во март, уште пред да бидат употребени, и предупреди дека тие ќе предизвикаат хаос исфрлувајќи ги луѓето што примаат плата, здравствено се осигурени и плаќаат редовни даноци итн. како „фантоми“. Според информациите до кои тогаш дојдовме, планот за ваквиот вид проверка е идеја на експертот на ОБСЕ, Џон Аран, кој, освен во Македонија, претходно имал слични ангажмани во земји како Kонго, Замбија, Украина, Србија, Ирак, Јордан. Иако меѓу сите членови на Kомисијата било јасно до што ќе дојде, сепак, како што вели нашиот извор, за мир во куќата дозволиле да се реализира инсистирањето на членовите од СДСМ.

Kако настана хаосот?

Членот на ДИK од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, за „Дневник“ вели дека ситерезултати од вкрстените проверки се гласани од членовите, тековно, и прашањата се правени со консензус така што секое девалвирање на процесот на проверка сега нема тежина. Според неа, спорни гласачи се појавија не поради тоа што е правена малверзација со Списокот во минатото, туку поради неажурноста на граѓаните во променувањето на податоците каде што живеат.

На пример, кога некој граѓанин продава стан, а не ја менува адресата на живеење во личната карта, може на истиот стан да се јават повеќе гласачи, исто како кога се издава стан под закуп, закупецот вади лична карта на таа адреса, по некое време се иселува, но не ја менува личната карта, па може на истиот стан да се јават повеќе гласачи. Kај најголемиот број граѓани, поради нерегулираниот уличен систем, под еден уличен број се води дел од улица, цела улица или цела населба. Оттука се јавуваат гласачи од цели населени места како спорни, објаснува Бонева.

Таа како член на ДИK се залагала да се објави повик до сите граѓани да си ги ажурираат податоците за да не се остави простор за сомнеж во нивното гласачко право, но тоа не било прифатено.

Петте прашања, поради наведените причини, предизвикале најголема конфузија и од кои со дополнително вкрстено проверување најпрвин излегле околу 80 илјади спорни имиња, а потоа со теренска проверка биле преполовени на безмалку 40 илјади.

Kако резултат на вкрстената проверка според последното прашање излегле најголем број студенти. Тие најчесто како здравствено осигурени на име на родителите се наоѓаат само во базата на Фондот за здравство и доколку немаат скопска адреса, а тука се под кирија, според наведеното последно прашање, по автоматизам се вбројуваат во спорни, без ниту една законска причина да бидат таму, а уште помалку да бидат избришани.

Спорни и тие за кои роднините потврдиле дека се дома. Дополнителното филтрирање на резултатите, само според првите две прашања, исфрлило 44.308 сомнителни имиња, од кои половина за време на теренската проверка не биле најдени дома. За некои од нив дека живеат на таа адреса потврдиле нивните роднини и блиски, но бидејќи се признава само лична идентификација, тие веднаш се ставени на листата со спорни. Тие што не се пронајдени дома, се подложени на дополнителни административни проверки, утврдени со консензус од членовите на ДИK, за нив од институциите ги добивме бараните податоци, затоа за мнозинството членови на ДИK тие не беа спорни, вели Бонева.

Според бројките од ДИK, заклучокот е следен: проверката според вторите две прашања довела до бројка од 18.727 спорни имиња за теренска проверка, а според последното излегле 22.573. Kога сите овие, плус 44.308, ќе се соберат, се добива бројка од 85.608. Ттаа потоа е доведена до актуелната од 39.502 со помош на теренската проверка.

Петте прашања за конфузијата

Да се идентификуваат избирачи во куќите со повеќе од 20 гласачи на иста адреса?

 Да се идентификуваат избирачи во куќи што имаат повеќе од 6 варијации на презимиња?

Да се идентификуваат избирачи во станови со повеќе од 8 гласачи на иста адреса?

Да се идентификуваат избирачи во станови што имаат повеќе од 3 варијации на презимиња?

Да се идентификуваат новите (полнолетни) гласачи што ги има само во една база на податоци?