„Дневник“: Се проверува дали фирмите на Заеви се вклучени во изборниот криминал во Струмица

Според досегашните докази што се прибрани и добиените сознанија на обвинителите кои работат на овој случај, најверојатно било формирано злосторничко здружение во кое се вклучени и физички и правни лица (фирми), а кои биле користени за незаконско влијание на гласачи.

 Се работи за поголем број гласови што на незаконски начин биле обезбедувани од различни категории на граѓани на претседателските и парламентарните избори во 2014 година. Врз нив се влијаело на различни начини. Kај дел од нив се одело со класични закани за бркање од работа од фирми активни на подрачјето на Струмица, а некои од нив директно се поврзани и со фирмите на Заеви. Има дури и нудење класичен поткуп – открива извор од истрагата.

Има сомневања дека биле исплатени десетици илјади евра за оваа намена, а трансферите на пари оделе различно од случај во случај. Она што во моментов се истражува е дали имало евентуална злоупотреба на буџетските пари на општина Струмица односно дали биле злоупотребени пари на граѓаните. Изворите велат дека се проверуваат повеќе јавни набавки и тендери на општината и јавните претпријатија со кои раководи Заев како градоначалник особено затоа што имало дојави дека откако тендерот ќе бил доделен на некоја фирма, обврските не биле целосно извршени и покрај тоа што парите биле исплатени односно дека испорачаната услуга била помала од исплатените пари.

Ова се проверува во моментов и дали ќе се потврди зависи од мерките и доказите што ќе бидат обезбедени од Јавното обвинителство, коментираат изворите.

Неофицијално, еден од двата одземени компјутера бил на Љупка Цветкова, активистка од разгранокот на СДСМ во Струмица, вработена во кабинетот на Заев во општината и блиска на фамилијата Заеви.

„Дневник“ вчера побарал и официјална потврда од Обвинителството за истрагата за овој случај, одговори не добиле.

Се прибираат материјални докази неопходни за утврдување на фактичката состојба при спроведување на Претседателските и Парламентарните избори во 2014 година. Во акцијата одземени се два општински компјутери и на разговор се повикани повеќе лица претежно граѓани гласачи, беше она што го соопштија минатата недела од Обвинителството.

Тогаш, партискиот портпарол Петре Шилегов реагираше дека акцијата во Струмица е обид на власта на Никола Груевски да „избега од сопствениот изборен криминал и изборниот криминал на неговите соработници“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.