среда, 28 декември 2016  |  Вести денес: 12

„Дневник“: Италијанскиот конзул во служба на Заев

Се поставува прашањето зошто еден конзул би се среќавал со лидер на опозициска партија поради што е одложено важно судско рочиште, додека актуелниот амбасадор Kарло Ромео најостро демантира дека тој бил на средбите? А одговорот веројатно не треба ни премногу да се бара: Kандела како инволвиран во македонскиот пуч, едноставно, му се нашол при рака на Заев за да му помогне во одложување на рочиштето, стои во анализата на „Дневник“.

filipo

Последни вести

На денот кога беше закажана, па одложена главната расправа за случајот „Поткуп“, причината што ја наведе осомничениот – лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е дека бил на средба со италијанскиот амбасадор, па термините се поклопиле. Но, кога амбасадорот демантира дека средбата се одржала, СДСМ испрати соопштение до јавноста во кое всушност го коригира својот лидер нагласувајќи дека средбата била „со претставник на италијанската амбасада, а на неа бил присутен конзулот на амбасадата“, пишува Дневник.

За контрадикторностите на информирањето за средбата може да се дискутира од повеќе аспекти: можеби Заев до последно не знаел со кого ќе се сретне, можеби работите се смениле во последна минута, како и најверојатната варијанта дека Заев не очекувал новиот италијански амбасадор да реагира. Но, кристално јасна е една друга ситуација.

Имено, конзулот во италијанската амбасада со кој се сретнал Заев е Филипо Kандела, истиот човек за кого пишуваше „Дневник“ во август годинава пренесувајќи ја анализата на авторите Матео Албертини и Kрис Делисо објавена во неколку продолженија на нивниот интернет-портал „Балканализис.ком“. Албертини (соработник на порталот од Милано кој ги покрива темите поврзани за Западен Балкан и релациите со Италија) и Делисо (Американец по потекло, основач и директор на порталот, кој од 1998 година живеел во три балкански земји постојано патувајќи и истражувајќи како новинар и аналитичар) врз основа на долг период истражување во тогаш објавените анализи ја објаснија инволвираноста на италијанската дипломатија и тајната служба во обидот за државен удар во Македонија, конекцијата со поранешниот прв разузнавач, првоосомничениот во случајот „Пуч“ – Зоран Верушевски, како и целата хронологија на настаните.

Конзулот е врската на Верушевски

Според авторите, Kандела и останатите одговорни во амбасадата – претходно кога мисијата ја предводеше Ернесто Масимо Белели, повеќе од девет месеци не сакале да одговорат на обидите на авторите да закажат средба и да договорат интервју во врска со важни информации до кои дошле. Сакале да проверат дали и како се обидувале да му помогнат на Верушевски да замине од државата непосредно пред да биде уапсен во јануари 2015 година.

– Зоран Верушевски побарал да му гарантираат пат за бегство барајќи од Заев да му обезбеди италијанска работна дозвола преку Белели; според неколку извори, Верушевски очекувал да стане професор или да работи во тинк-тенк во земјата каде што работел неколку години претходно (во дипломатска мисија) и на тој начин вешто да избега од хаосот што ќе го предизвика претстојниот пуч. Без разлика дали визата била обезбедена, препредениот поранешен шеф на службата во Македонија знаел дека дури и барањето би го намамило Белели, па на тој начин би ја добил неговата соработка – пишува во анализата.

Белели жртвуван како Заев, клучен фактор Kандела

По конечно реализираната средба и интервју со Белели, според одредени негови одговори авторите заклучиле дека дефинитивно нешто чкрипи.

– Во однос на Верушевски, Белели ни кажа „единствениот факт е дека бевме прашани како да добијат виза за престој“ за инсајдерот на СДСМ. Според Белели, поранешниот шеф на шпионите, дури и лично се појавил во конзуларниот оддел на италијанската амбасада во Скопје. Го информиравме за процесот како што нормално правиме за секој што се интересира. Но, никогаш не беше аплицирано за виза, па не беше ни одобрена – потврдува Белели. И бидејќи немало апликација, вели тој, нема запис дека Верушевски воопшто се појавил во амбасадата – пишува во анализата.

Според Албертини и Делисо, Белели бил жртвуван како и Заев, на сличен начин, само од други структури. Но, токму ваквата поставеност на работите ги поттикнало на заклучокот дека една од клучните фигури на италијанската улога во македонската криза е Kандела. За него е интересно тоа што не е наведен на листата со вработени во италијанското МНР.

– Иако точната разузнавачка улога на Kандела во кризата останува непозната, многу е веројатно дека АИСЕ презела потемелни мерки за да ја избегне видливоста и му дозволила на Белели да ја преземе целата критика – се вели во анализата.

Наместо да си ја врши конзулската работа, се среќава со политички лидери

Сите информации во врска со Kандела оставаат дилеми во ситуација кога е кристално јасна улогата на конзулот во секоја амбасада во земјава, како и на македонските конзули во странските земји. Нивната примарна задача е да се грижат за сопствените и граѓаните на земјата каде што престојуваат за патувања, соработки, размена.

Затоа и нивната функција се нарекува конзуларна. Додека, пак, за дипломатијата, олеснување на економските и други односи е одговорен амбасадорот.

Се поставува прашањето зошто еден конзул би се среќавал со лидер на опозициска партија поради што е одложено важно судско рочиште, додека актуелниот амбасадор Kарло Ромео најостро демантира дека тој бил на средбите? А одговорот веројатно не треба ни премногу да се бара: Kандела како инволвиран во македонскиот пуч, едноставно, му се нашол при рака на Заев за да му помогне во одложување на рочиштето.

Најчитани вести