„Дневник“: Јанева го измеша канцелариското работење со Законот за кривичната постапка

„Дневник“ нагласува дека ова е првпат по три недели обвинителството на Јанева да спомене дека постои каква било евиденција за предавањето на 30 декември иако и претходно беа барани одговори дали такво нешто постои.

Всушност, Јанева дури две недели по приемот на материјалите призна дека записник не е направен за потоа да каже дека тој не и’ бил обврска. И сега кога се споменува службеното евидентирање, Јанева тврди дека записникот не е обврска бидејќи не бил напишан во членот на ЗKП на кој таа се повикува. Kако што и претходно објаснувавме, се работи за член од ЗKП кој се однесува на обврската на трети лица да достават податоци, материјали, предмети што ги бара обвинител.

Членот е сместен во рамките на фазата на предистражната постапка. Обврската за составување записник стои во општите одредби на ЗKП кои се однесуваат на сите фази од постапката. Во членот 89 јасно стои: „За секое преземено дејствие во текот на кривичната постапка се составува записник истовремено кога се врши дејствието, а ако тоа не е можно, непосредно по тоа“, пишува весникот.

Советот ја одложи седницата за среда

И самата Јанева се повикува на ЗKП каде што записникот е обврска, а потоа говори за службено евидентирање што е дел од канцелариското работење. Kанцелариското и архивското работење на институцијата е едно, записникот од дејствие во постапка, независно дали е кривична, парнична, управна, е сосема друго. Таа не мора да ја соопшти содржината на даденото од Заев, но има обврска да ја увери јавноста дека Заев предал точно определен број снимки или транскрипти од прислушувањето. Заев тврдеше дека предал повеќе од 600 илјади разговори и дека се засегнати 20 илјади граѓани. Без записник предметите од предавањето немаат никаква вредност и не можат да се користат во никаква друга постапка. Тоа е исто како Јанева да повикала сведок на сослушување и само службено да евидентира дека во СЈО во својство на сведок дошло лицето н.н. на одреден датум без да состави записник за тоа како течело сослушувањето и што тој кажал – дециден е поранешен јавен обвинител.

Од СЈО излегоа со информацијата за службеното евидентирање завчера кога беше потврдено дека Советот на јавните обвинители денеска во рамките на општата расправа за годишниот план за работата на Јанева ќе отвори и расправа за случајот со примопредавањето со Заев. Советот вчераутро ја одложи оваа седница за среда.

Буџетот од 4 милиони евра пред пратениците в среда

Иако во јавноста излегоа коментари дека Собранието ќе го остави специјалното обвинителство на Kатица Јанева без пари, буџетот на Kатица Јанева за 2016 година е ставен на дневен ред пред пратениците на седница в среда. Според одлуката на Министерството за финансии за прераспределба на буџетските средства за да се обезбедат пари за Јанева, таа за годинава побарала околу 4,2 милиони евра. Од нив, најмногу пари ќе отидат за плати и придонеси, и тоа околу 1,7 милион евра.

За посебните надоместоци за работа под ризик и со доверливи информации Јанева и нејзините обвинители ќе поделат околу 400 илјади евра или секој од нив во 2016 година би добил околу 33 илјади евра. Особено голема ставка во буџетот на Јанева се договорните услуги за кои специјалната обвинителка планира да потроши неверојатни 1,3 милион евра. Специјалното обвинителство ќе потроши и околу 200 илјади евра за опрема, 113 илјади евра за канцелариски материјал и ситен инвентар и 162 илјади евра за градежен објект.