„Дневник“: Јанева и Заев не составиле записник за примопредавање на снимките?

Потпишаа ли лидерот на СДСМ Зоран Заев и специјалната обвинителка Kатица Јанева записник за материјалите од незаконското прислушување што тој ги предаде на 30 декември, а во кој има точни податоци што точно предал, во која форма и како? Дали Заев навистина предал с` што тврдеше дека поседува? Или, пак, ќе нема никаков официјален документ, доказ дека некогаш Заев поседувал материјали од незаконско прислушување, колку и кои и дали воопшто ги предал?, пшува ДНЕВНИК.

Ако се верува на тврдењето на Заев дека станува збор за 20.000 прислушувани лица и 600.000 разговори, ако на тоа се додаде и случајот со фабриката за афери на СДСМ каде што беа најдени 70.000 прислушувани разговори, тогаш прашањето е сосема легитимно од аспект на јавниот интерес со оглед на засегнатоста на огромен број граѓани на РМ. Јанева му ги побара материјалите на Заев повикувајќи се на Законот за кривичната постапка (ЗKП), како податоци што ~ се потребни. Но од специјалното јавно обвинителство не сакаат да потврдат дали и предавањето на материјалите е направено во согласност со Законот, односно дали за примопредавањето е составен записник кој во детали ќе опише кој и што предал, во која форма и големина, каде ќе се чува, дали е потпишан од двете страни и слично. Тоа што кај Јанева не потврдуваат дека има записник, како и тоа дека Заев минатата среда кај нејзе се задржа едвај 10 минути отвора сомневање дека записник воопшто и нема.

Записникот е важен доказ дека е преземено процесно дејствие и како. Во случајов, ако нема записник за тоа што Заев и како го предал исто како и да не предал материјали, а натаму ќе нема гаранции дека нема да има промени во тоа што предаде лидерот на СДСМ на 30 декември.

Шест кутии хартија и хард диск

Токму затоа од СЈО побаравме одговор на прашањето дали за примопредавањето е составен записник, што е наведено во него, односно што точно предаде Заев (колку снимки, во која форма: транскрипти, цедеа, оригинали и други податоци околу преземеното дејствие, дали се врзува со одреден кривичен предмет што го води СЈО итн) и кој го потпиша записникот т.е. дали истиот е потпишан и од Заев?

– Од страна на СДСМ предадени се транскрипти од разговори, кои беа сместени во 6 картонски кутии. Воедно доставен е и еден надворешен хард диск. Со оглед на сензитивноста на доставениот материјал, во овој момент нема да бидат соопштени информации за начинот на примањето на материјалите, како и начинот на нивно чување и постапување со истите. За сите натамошни дејствија, како и за одговорите на другите прашања, дополнително ќе бидете известени – ни одговорија од обвинителството на Јанева.

Бидејќи не добивме одговор на основнотот прашање дали записник е составен, повторно препрашавме дали ваков документ постои, по што го добивме следниот одговор:

– Во овој момент нема да соопштиме податоци како ова јавно обвинителство ги примило материјалите (односно дали е составен записник или не), туку овие податоци ќе бидат дополнително соопштени.

Дали имало записник СЈО ќе каже кога ќе сака

На нашиот коментар дека нема ништо проблематично или тајно во тоа да се потврди дали има записник или не (повеќе без инсистирање на неговата содржина), од кај Јанева излегоа со коментар дека само тие одлучуваат што и кога од преткривичната постапка ќе објавуваат во јавноста.

– Потврдата за постоење записник повлекува и одговори на прашања од типот што содржи записникот, како е утврдена неговата содржина, кој е потписник на записникот, каков тип информации се нотирани во записникот и слично, така што информациите што ги баравте ќе бидат соопштени во моментот кога ќе сметаме дека со истите ќе обезбедиме прецизен и сеопфатен одговор за јавноста, кој ќе ги опфати сите теми на интерес, а ќе биде објавен во момент и на начин што нема да влијае на истрагите. Ви укажуваме дека во согласност со законските одредби, јавниот обвинител раководи со преткривичната постапка и во оваа насока и објавувањето на информации е во надлежност и одговорност на јавниот обвинител, поради што токму јавниот обвинител е единствено повикан да цени дали објавувањето на која било информација е проблематично или не – одговорија од СЈО.

Потврда за тоа дали е составен записник од примопредавањето како и за тоа дали е потпишан од страна на Заев, иако ги прашавме, не добивме ни од СДСМ. (РД)

Што вели ЗKП за составувањето записник?

Составувањето записник не е прашање на волја на јавниот обвинител кога тој презема одредено дејствие, како што е пример предавањето на предмети, податоци и материјали од трето лице. Напротив, се работи за законска обврска која мора да биде преземена и тоа по точно определени правила. „За секое преземено дејствие во текот на кривичната постапка се составува записник истовремено кога се врши дејствието, а ако тоа не е можно, непосредно по тоа“, пишува во членот 89 од ЗKП.

Записникот треба да ги содржи суштествените податоци за текот и содржината на преземеното дејствие.

„Ако при преземањето на дејствието се одземени предмети или списи, тоа ќе се назначи во записникот, а одземените предмети ќе се приклучат кон записникот или ќе се наведе каде се наоѓаат на чување“, изречно стои во членот 90 од ЗKП. Ова сосема одговара на ситуацијата на предавањето на материјалите од незаконското прислушување од страна на Зоран Заев на специјалната обвинителка Kатица Јанева.

Во записникот, според ЗKП, задолжително се внесува називот на државниот орган пред кој се врши дејствието, местото каде што се врши дејствието, денот и часот кога дејствието е започнато и завршено, имињата и презимањата на присутните лица и во кое својство присуствуваат, како и назначување на кривичниот предмет според кој се презема дејствието. Записникот мора да се води уредно, во него не смее ништо да се избрише, да се додаде или менува. Прецртаните места мора да останат читливи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.