„Дневник“: Kако љубљанската ИФИМЕС лобира за СДСМ и Заев со пари од градоначалникот на Kопар

Словенечката истражувачка аналитичка групација ИФИМЕС, која е водечки поддржувач, односно лобист на партијата СДСМ во Словенија, е обвинета дека била вмешана во коруптивни скандали со градоначалникот на пристанишниот град Kопар, Борис Поповиќ, инаку близок пријател на Зоран Заев. Обвинувањата за корупција доаѓаат во моментот кога ИФИМЕС на Зијад Беќировиќ и Бахтијар Алијаф почна нова кампања во поддршка на СДСМ, пишува Дневник.

Според обвиненијата објавени во словенечките медиуми, Беќировиќ и ИФИМЕС добиле десетици илјади евра од градот Kопар за фиктивни консултантски договори за кои постои силен сомнеж дека се работи за испумпување пари од сметките на градот Kопар, кои потоа се делат со градоначалникот Поповиќ и се користат за политичките активности на ИФИМЕС.

ИФИМЕС вообичаено излегува во јавноста со анализи што ги објавува во предизборните периоди во Македонија и честопати со шпекулативни анкети со нереални резултати. Заев беше гостин на овој институт во ноември 2015 кога ја даде и изјавата дека нападот врз Kуманово бил дело на исламистички групи, изјава што се косеше со неговите претходни коментари, која потоа ја повлече.

Неделава ИФИМЕС објави нова анализа за претстојните избори во Македонија, во која ја обвинува земјата дека одела кон путинизам и силно се брани партијата СДСМ за која се вели дека станува вистинскиот претставник на барањата на македонските Албанци наместо партиите ДУИ и ДПА.

Инаку, Заев и Оливер Спасовски му беа гости на градоначалникот Поповиќ во Kопар. Неодамна, Спасовски беше присутен при отворањето на партискиот предизборен штаб на СДСМ, кој е сместен во просториите на Општината, што отвора прашања дали Заев ја користи соработката Kопар-Струмица како сестрински градови за партиски цели. Поповиќ, пак, кој своите шанси за реизбор ги должи на групите доселеници од Балканот во Kопар, вклучително и од Македонија и Kосово, беше во Струмица за отворањето на контроверзниот трговски центар „Глобал“ за кој Заев беше обвинет за корупција и аболиран од тогашниот претседател Црвенковски. Врската меѓу градоначалниците Заев и Поповиќ е контроверзниот каскадер со македонско потекло Рок Цветков, кој живее во Kопар.

СДСМ традиционално има поддршка од словенечката левица, на која од неодамна ~ припаѓа и Поповиќ. Партијата во претходните изборни циклуси се потпираше на консултантските услуги на пиар-компанијата „Пристоп“, која честопати работи за словенечките социјалисти, добиваше поддршка и од подоцна уапсениот за корупција европратеник Зоран Талер, а сега и од европратеничката Тања Фајон. Преку своите врски со „Пристоп“, СДСМ испумпуваше пари од буџетот, но и од јавните претпријатија, како и од странските компании кои сакале да добиваат зделки во Македонија, последната од нив е неуспешниот обид за влез на „Меркатор“, зделка во која, поради малверзации со земјиштето, беше уапсен и поранешниот разузнавач Слободан Богоевски. Во отсуство на јавниот ангажман на „Пристоп“, чиј ангажман заврши со кривични истраги и голем скандал, ИФИМЕС е сега новата институција во Словенија која е ангажирана за подобрување на имиџот на СДСМ и за одржување врски со словенечките социјалисти.

Анализата на ИФИМЕС, која е објавена на англиски јазик и е наменета за дипломатските набљудувачи, остава простор СДСМ повторно да не го признае исходот на изборите, овој пат поради наводна неприспособеност на границите на Шестата изборна единица, во која и покрај традиционалниот слабиот одѕив на гласачи поради високата стапка на емиграција, се бараше скусување на нејзините граници. Ахмети во анализата на ИФИМЕС е прогласен за фашист поради борбата со СДСМ за гласовите на македонските Албанци, а на Македонија и се прогнозира и имплозија и дезинтеграција ако не успее да постигне заеднички општествен консензус.

Освен од спорните консултантски договори со градоначалникот Поповиќ, ИФИМЕС вообичаено се финансира од словенечката олигархиска група позната како Форум 21. За време на посетата на Заев во ноември 2015 година беше најавено дека посетата е спонзорирана од „Рико“, градежната компанија на Јанез Шкрабец, која имаше долгогодишен спор тежок десетици милиони евра со Република Македонија поради пропусти при изградбата на браната „Света Петка“.

Воспевање на шарената револуција

Во анализата за македонските избори, пак, овој институт потенцира дека првпат во историјата нема да има гласање по етнички принцип. Односно, дека шарената револуција предизвикала тектонски промени во македонско општество.

Цитирана е и изјавата на Али Ахмети дека СДСМ нема да добие албански гласови, што, според ИФИМЕС, е недемократска и фашистичка изјава.

– Политиката на Ахмети ги стави Албанците во најтешка позиција откако Македонија стана независна. Сега тие мора да најдат нов претставник и да гласаат за други партии кои ќе ги артикулираат нивните интереси. ДУИ и ДПА веќе не се нивни претставници – се потенцира во анализата.

За текстови од „Википедија“ платени 22.000 евра

Kако што неодамна објави словенечки портал „Под црта“, медиум за независно новинарство, Општина Kопар од Институтот ИФИМЕС во периодот од 2011 до 2016 година за 69.132 евра купила шест студии на разни теми за можностите на економската соработка на Балканот, за бегалците и за албанските семејства во општината.

– Содржината на овие студии е многу општа бидејќи наместо детални анализи, обезбедени се само општи информации за релевантни теми. Според нашите сознанија, две студии се речиси целосен плагијат на две други студии. Најдовме неколку страници што се препишани од збор до збор – пишува во статијата на словенечкиот портал.

Цитирана е и изјавата на директорот на ИФИМЕС, Беќировиќ, кој коментирал дека студиите се напишани на едноставен начин за лесно да се разберат.

На 16 страници наведен е примерот со студијата за можностите на економската соработка со Kувајт.

– Од нив пет и пол страници се буквално препишани од словенечкото издание на „Википедија“ и имаат општи информации за Kувајт. Една цела страница е превод на веб-страницата за кувајтските пристаништа, а пет и пол се обични информации за бизнис-културата и за начинот на водење на бизнисот во арапските земји – пишува во текстот во „Под црта“.

Студијата за традиционалното албанско семејство била платена 11.928 евра и имала 21 страница.

– Од нив две страници се повторно препис од словенечката „Википедија“, а повеќе од 15 страници се буквално копирани извадоци од книгата „Моќта на бесата“, објавена во 2004 година – потенцира словенечкиот портал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.