„Дневник“: Лица од шарената револуција ќе бидат високо на листите на СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз во моментов интензивно преговара со индивидуалци и помали опозициски партии од македонскиот и од албанскиот блок за што поголем предизборен опозициски фронт против партијата предводена од Никола Груевски, а за тоа кој ќе биде на пратеничките листи на партијата било рано да се зборува.

Ова за „Дневник“ вчера го потврдија од „Бихаќска“, нагласувајќи дека нивен приоритет во моментот е што повеќе реномирани личности од јавниот живот да се приклучат кон коалицијата, чија надеж е владејачката гарнитура да биде поразена на 11 декември.

– Ниту се комуницира со некој посебно за пратенички листи ниту истите се планираат. Сe` уште е рано, ни изјавија вчера од СДСМ.

Од друга страна, пак, висок извор во партијата за „Дневник“ вели дека не само што се комбинираат листите, туку веќе се знаат и имињата на носителите на истите, а во добар дел тоа се лица од шарената револуција. Со други зборови, нашиот извор ги потврдува имињата на Уранија Пировска и Павле Богоевски, за кои деновиве пишуваат медиумите, а наводно веќе е договорено на листите во четвртата и петтата единица да бидат Марјан Забрчанец и Симона Спировски.

Најголемо изненадување, според нашиот извор, е името на Мухамед Зекири, поранешниот уредник на телевизија „Алсат“, кој се споменува дури и како носител на листата во Шестата изборна единица.

-За дел од членовите Зекири е погрешна одлука затоа што Шестата изборна единица е специфична и таму е неопходно да стои човек кого пред с` тамошните општински организации го познаваат. Новинар што станува политичар не може да ги знае работите подобро од некој што поминал повеќе изборни процеси, вели нашиот соговорник.

Според него, за „шестката“ се споменува и името на долгогодишниот член на Централниот одбор на СДСМ, Едмонд Адеми.

– Многу е пологично тој да биде носител во „шестката“, пред сe` како тетовец по потекло, а и како постар член на партијата. Но се чини, раководството има намера само на брзина да креира листи верувајќи во успех на 11 декември, без да извлече промислени потези за долгорочен успех, вели нашиот извор.

Иако, од партијата за „Дневник“ ги демантираа информациите за носителите на листите, сепак не негираа дека кога, според нив официјално ќе ги договорат, сепак на листите и меѓу членовите ќе има луѓе од првите редови на шарената револуција.

-Нашиот извор нагласува дека со сегашните чекори на раководството под палката на Зоран Заев и Радмила Шекеринска, не се согласува речиси никој од членовите на партијата кои важеа за блиски до поранешниот претседател Бранко Црвенковски, ниту пак некој од нив бил контактиран во врска со креирање на пратеничките листи, пишува ДНЕВНИК.