„Дневник“: Мутавелијата Идризи од Јахја-паша порано работел во „Бондстил“

Арбен Идризи, поранешен професор по информатика во скопското средно училиште „Владо Тасевски” најверојатно е мутавелијата од Јахја-пашината џамија во Скопје и него Исламската верска заедница го обвинува дека ја узурпирал, пишува денешен Дневник.

„Тој е еден од таа група. Видете, за нив е карактеристично дека во еден момент кажуваат дека мутавелија е една личност, а потоа дека е друга. И Арбен ако го прашате, може да ви одговори дека не е. Тоа не е никаде напишано на некој документ, туку сето тоа го кажуваат усно во нашите обиди да го решиме проблемот. Тоа го прават за да не можеме никого конкретно да тужиме на суд. Таа група ги држи клучевите од џамијата, располага со неа, собира пари од верниците за кои им издава некакви потврди на некакви парагон-блокови и што сигурно претставува финансиски криминал“, вели во изјавата за весникот главниот скопски муфтија Ибрахим Шабани.

Во интервју за ТВ Телма реис-ул-улема Сулејман Реџепи изјави дека проблемите во Јахја-пашината џамија во Скопје ги прави еден човек, а тоа е мутавелијата на џамијата. „Баравме да биде тргнат, но тој седи по диктат на некои личности. Од каде се тие личности? Од Македонија“, изјави поглаварот на ИВЗ.

Според него, се претпоставува дека токму овие личности се поттикнувачите на лицата што одат да војуваат во Сирија и во Ирак во редовите на радикалните исламистички групи.

Дневник пишува дека според неофицијалните информации, Арбен Идризи во еден период работел во американската воена база „Бондстил“ на Kосово. Во оваа иста воена база до 2010 година работел и Лавдрим Мухаџери, лидер на албанските џихадисти во Сирија. Тој работел за KФОР, а потоа и за НАТО во Авганистан. Потоа во 2013 година заминал за Сирија каде што раководи со џихадистите кои доаѓаат од просторите на Албанија, Kосово и од Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.