„Дневник“: Партиите пред договор за избирачкиот список

Се навестува можно решение за Избирачкиот список. Ова се информациите по вчерашната рунда преговори меѓу претставниците на партиите од големата четворка на средбата за излез од политичката криза, кои во присуство на амбасадорската двојка, Џес Бејли и Аиво Орав, продолжија во резиденцијата на евроамбасадорот во Пржино, пишува „Дневник“.

Како што пишува весникот, освен за Избирачкиот список, партиските претставници Никола Тодоров, Радмила Шекеринска, Артан Груби и Имер Алиу го отвориле и прашањето за медиумите.

Извори од преговорите истакнуваат дека по првичните несогласувања за гласачите што се во странство, а за кои најзасегнати се партиите на Албанците, на повидок е решение тие да бидат евидентирани во друг избирачки список или обележани со ѕвездичка. За СДСМ, тие гласачи се спорни и бараат тие да бидат издвоени во посебен список. За околу 42.000 гласачи, што при теренските проверки не биле најдени дома, според брифинзите од партиите-учеснички во преговорите, се лиферуваат разни информации. Според една информација, за тие гласачи ќе се вршат дополнителни проверки, и според друга, доколку тие самите не се пријават дека постојат, ќе се избришат од Избирачкиот список, пишува весникот и додава дека ова навестува оти партиите од лидерската четворка може наскоро да го затворат прашањето за Избирачкиот список.

Според нивните информации, иако ДУИ првично се спротивставувала гласачите што се во странство да бидат на друг список, сепак се согласиле со ваквото решение со образложение дека е важно тие гласачи да не го изгубат уставно загарантираното право на глас, а не каде ќе гласаат, дали дома или во странство. Доколку за ова дефинитивно се договорат четирите партии, тоа ќе значи дека граѓаните што се во странство ќе бидат издвоени во друг избирачки список.

Останува нејасно каков ќе биде конечниот договор за 42.000 лица што при теренската проверка не беа најдени дома.

„Дневник“ повикувајќи се на извори од власта, пишува дека тие граѓани дополнително ќе бидат проверени и нив никој нема право да ги избрише од Избирачкиот список, а пак извори од опозицијата, истакнуваат дека тие гласачи ќе бидат ставени на јавен увид и доколку самите не се пријават во одреден рок, ќе бидат избришани од Избирачкиот список.

Според весникот, иако моделот на активна регистрација на гласачите повторно бил на маса пред претставниците на партиите како опција за сите страни да имаат доверба во Избирачкиот список, сепак не е во игра бидејќи активната регистрација е неприфатлива за ДУИ и ДПА.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека за нив не е спорен Избирачкиот список и оти се отворени за сите разумни предлози што би го увериле СДСМ дека листата е прочистена. Од таму велат дека не може СДСМ да инсистира пак да влезе во влада за да се чисти Избирачкиот список и оти нема логика сега да се разговара за техничка влада додека не се исполнат условите за избори.

 Се преговара за излез од кризата колку и да се противи СДСМ и да измислува милион причини и пречки за нејзино пролонгирање. На крајот од процесот најважно е СДСМ да биде изведен на чистина дека мора да се соочи граѓаните на избори и дека простор за бегање веќе нема. Веќе нема ниту простор за манипулации, кои според с` што видовме досега имаа единствена цел – влегување во Владата без легитимитет од граѓаните. Целта е на крајот од процесот СДСМ да признае дека Избирачкиот список е прочистен и да даде гаранција дека се створени услови за одржување избори. Тоа ќе се случи порано или подоцна. Просторот за манипулации е се потесен. Знаат и од таму велат дека организираните протести пропаѓаат и не го даваат ефектот и мора да се најде решение, велат од партијата на Никола Груевски.

За медиумите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ остануваат на претходните позиции. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да прифатат ништо што ќе значи каков било начин на цензура, како високи казни за медиумите, а во СДСМ инсистираат на промени во регулаторните тела.