„Дневник“: По спомениците, „шарената револуција“ ќе се сврти кон библиотеките и книгите?!

„Дневник“: По спомениците, „шарената револуција“ ќе се сврти кон библиотеките и книгите?!
„Дневник“: По спомениците, „шарената револуција“ ќе се сврти кон библиотеките и книгите?!

Веќе е сосема јасно дека во Македонија се случува антимакедонска револуција. И веднаш да се разбереме – таа антимакедонска револуција не ја водат тие што мислат дека учествуваат на мирни протести, туку тие што, користејќи ги протестите, со однапред доставено сценарио од странство, брутално ја напаѓаат македонската држава и државност. Секој што макар и површно ја следи таканаречената шарена револуција знае дека се напаѓаат темелите на македонската историја и култура, македонскиот национален идентитет, пишува Блаже Миневски за ДНЕВНИК.

Според информациите што може да се сублимираат во неколку реченици станува збор за агресија која треба да доведе до обезличување на македонскиот народ. Сквернавењето на Порта Македонија, односно релјефите што ја прикажуваат македонската национална историја, метафорички претставува уништување на трајните белези на државноста. Бруталното уништување на релјефите на партизаните, на децата бегалци, на Илинденците и другите историски темелници претставува обид за поништување на историскиот континуитет. Во меѓувреме беше нападнат и споменикот на АСНОМ, а основоположниците на современата македонска држава понижени до крај. Заедно со нив се уништени и релјефите на Сирма Војвода, Дедо Иљо Малешевски и Димитар Поп-Георгиев – Беровски со четите, заклетвата на ВМРО, Питу Гули со четата, Васил Чакаларов, Пандо Kљашев со соборците, Партенија Зографски и Григор Прличев, а прашање на денот е кога „бомбашите“ ќе ги испоганат и Гоце Делчев, Даме Груев, Методија – Андонов Ченто, Kарпош, светите Kирил и Методиј, свети Kлимент и свети Наум, гемиџиите, а потоа и Филип Втори, Богородица и црквата „Свети Димитрија“. Освен спомениците, „бомбашите“ на „шарената колона“ ги уништија и зградата на Општина Битола и општина Прилеп, седиштето на град Скопје, зградата на Министерството за култура, објект заштитен со закон, и други. Според првичните процени, штетите од дејствувањето на инструираните агресорски групи и мародери, кои крадат компјутери од уништената канцеларија на претседателот на Македонија, веќе се бројат во неколку стотици илјади евра а наскоро би можеле да го надминат и првиот милион евра. Веќе следната недела, кога ќе заврши уништувањето на главните белези на македонската држава и државност, би можеле на ред да дојдат книгите, како еден од најважните преостанати темели на еден народ!

Kако се спалуваа книги од политички причини?

А да се потсетиме што значи тоа, и како беше направено едно такво злодело „од студенти“ и „студентски организации“ во една друга држава, многу поголема од Македонија. Имено, само четири месеци по доаѓањето на Хитлер на власт, на 10 мај 1933 година, книгите на најголемите германски интелектуалци на дваесеттиот век гореа низ цела Германија. Во 21 германски град, меѓу кои и Берлин, делата на Сигмунд Фројд, Хајнрих Ман, Kарл Маркс, Kурт Тухолски и други биле претворени во пепел. Со спалувањето на книгите всушност церемонијално се покажувало дека не смее да постои ниту една книга што е во спротивност на идеологија што ја протежираат тие што спроведуваат акцијата. Во огновите на варваризмот се нашле книги на еврејски, марксистички и пацифистички писатели. Пред тоа, во април 1933 година, приближно во исто време кога во Скопје осумдесет и три години подоцна почна да се уништува македонската култура, македонските споменици, склуптури па дури и зградата на Министерството за култура, главниот уред за печат и пропаганда на германската студентска организација, собрана „спонтано“, можеби слично како дел од нашите револуционери од „Протестирам“, означиле почеток на „акцијата против негерманскиот дух“, чиј врв бил „чистење“ на книжевноста со оган. Студентската организација подготвила дванаесет тези, кои биле асоцијација на 95 тези на Мартин Лутер, а спалувањето на книгите било предвидено за време на Фестивалот во Вартбург на 300-годишнината од објавувањето на тезите на Лутер. Тезите на студентите се повикувале на „чист“ национален јазик и култура, слично како што сега некои од водачите во „шарената колона“ се повикуваат на тоа дека се што изградила владата на ВМРО е катастрофа и се треба да се сруши, спали и да не постои. Впрочем, затоа домашните политички аргати на оваа такаречената револуција не влегуваат во МНТ, во Археолошкиот музеј, во Музејот на македонската борба, не читаат книги од едицијата „Нобеловци“, не сакаат ни да чујат за епохалната едиција „Ѕвезди на светската книжевност“, а за македонските автори од ексклузивната антологија во 135 тома, кои патем не се по волја и на еден нивен издавач и сопственик на портал, не сакаат ни да слушнат. Впрочем, истиот тој издавач во една пригода јавно има изјавено дека целокупната македонска книжевност треба да се фрли таму каде што тој смета дека треба да се фрли и потоа да се пушти вода.

Во секој случај, германската студентска кампања за спалување на книгите што не ~ се допаѓале на „масата што протестира“, својот врв го достигнала на 10 мај 1933 година кога толпата спалила повеќе од 25.000 томови што не биле во духот на нејзиното сфаќање на литературата. Патем, како што нашите „протестирачи“ и „протестирачки“ провалија во канцеларијата на Претседателот Иванов, така германските студентски организации на 6 мај провалиле во неколку библиотеки, изнесувајќи се што им се видело сомнително. Ноќта на 10 мај, во повеќето универзитетски градови, студентите марширале со факели, повикувајќи ги професорите, ректорите и студентите водачи да му се обратат на протестот. На местата на кои се собирале студените ги фрлале книгите во оган, а сето тоа било проследувано со радосна церемонија, музика и танц, слично како дел од нашите „револуционери“, кои, по уништувањето на спомениците во Скопје, се радуваат, пеат и се забавуваат по околните кафулиња и ресторани во нивниот уништен, погазен, понижен, а единствен главен град во светот. Во Берлин, на пример, на плоштадот Оперплац, се собрале 40.000 луѓе на кои им се обратил Јозеф Гебелс, кој го одржал својот прочуен говор против „моралната декаденција и расипаност“. Kако пандан на тој настан деновиве можеби треба да се очекува на македонските мародери, и странски помагачи, да им се обрати македонскиот „авторитет во сенка“ кој со француски клуч и чекан прв ќе покаже како се уриваат спомениците кои неговите „пулени“ веќе ги маркираа со боја и графити. Самиот чин на рушење веројатно ќе трае малку подолго, но и во Германија пред 83 години не биле спалени сите книги на 10 мај, како што планирала германската „огнена револуција“. Некои од церемониите на спалување биле одложени за неколку дена поради дожд!

„Таму каде што се уништуваат споменици, на крајот ќе се уништуваат луѓе!“

Во секој случај, како што сега порталите на „шарената колона“, двата печатени органи, еден дневен и еден неделен, заедно со неколкуте квазителевизии, ги повикуваат „бомбашите“ да фрлаат боја и да ги уништуваат релјефите на порта „Македонија“, и другите споменици и објекти, така и германските весници пред 83 години излегле со долги списоци на „декадентни писатели“, автори чии дела не биле во склад со новиот „германски дух“. Заедно со листите на книги, слично како сега во Македонија за тоа кој објект ќе биде нападнат, било посочувано на кои места ќе биде овозможено уништување на книгите, односно ослободување од тоа ѓубре, како што пишувало на насловните страници. Врз основа на списоците во Берлин, и во уште 21 град во Германија, биле направени големи клади на кои биле спалени десетини илјади книги со што е најавено новото време во историјата на германската и светската култура. Притоа, овде, што се однесува до македонските „револуционери“, единствена дилема е дали ќе почнат со македонските автори, кои не учествуваат на нивните протести, или пак ќе стартуваат со спалување на нобеловците, ѕвездите на светската книжевност, врвните книги од историјата и филозофијата, учебниците од кои се учи на најпрестижните универзитети во светот… Впрочем, ништо од тоа „бомбашите“ не признаваат, па веројатно им е сеедно со што ќе почнат. Претпоставувам дека тој список ќе го направи штабот на револуцијата и ќе биде објавен навреме за да може оперативците од север и од другите краишта, заедно со чадорот, се разбира, да го организираат сето тоа како што прилега, значи како борба за демократија. Во таа насока деновиве за регрутирање нови „доброволци“ се врбуваат „заднинци“ на кои им се нудат пари за делење „униформи“, односно маици, или макар само за постирање пропагандни материјали во корист на „контрареволуцијата“ каде што ќе стигнат и како што ќе стигнат пред да се запали кладата. Во меѓувреме некој од идеолозите веројатно ќе одржи и говор кој отприлика би изгледал вака: „Против декаденцијата и моралното пропаѓање ги предавам на огнот делата на Херих Ман, Ернс Глаесер и Ерис Kостнер. Политичките револуции мора духовно да се подготват. Дури кога идејата ќе се спои со политичката моќ, настанува сила која овозможува историски промени. Вие младите „бомбаши“, мајстори за фрлање балони со боја, вие сте борци за револуционерните идеи на оваа држава. Спалете ги сите книги што ги објави оваа ненародна власт, урнете ги сите споменици што ги изгради, срамнете ги со земја сите театри, музеи и експонати откриени во археолошките локалитети во последните десет години, итн.“ И „шарените“ прислужници на револуцијата ќе го направат тоа без поговор и без размислување. Во „топилниците“ на „новиот германски дух“ од тој 10 мај до август 1933 година била спалени околу 35.000 примероци книги од разни автори, со разни содржини и жанрови. Меѓу книгите што завршиле на кладите во Германија биле книгите на Бертолд Брехт, Херих Ман, Ерих Марија Ремарк, Август Бабел, Сигмунд Фројд, Стефан Цвајг… Спалувачите се разбира не можеле да ги прочитаат сите книги пред да ги запалат, како што сега нашите „бомбаши“ воопшто не ги виделе релјефите на портата „Македонија“, оние што ги уништија за сметка на туѓи интереси и стратегија. А во Германија, во тие неколку месеци, биле спалени, на пример, „Kомунизамот и бакуњизамот“ на Енгелс, „Еврејската омраза спрема самите себеси“ на Теодор Лезинг, „На германската република“ и „Повик за разум“ на Томас Ман, „Примената лирика“ на Ерих Kостнер, „Тероризам и комунизам“ на Kарл Kауцки. Во огновите на „шареното лудило“ изгореле и „Диктатурата на пролетаријатот“ на Ленин и сите книги на Лав Троцки, но и „Ослободениот Дон Kихот“ на Анатолиј Луначарски, „Огнот“ на Анри Барбис и сите дела на Теодор Драјзер. Во огнот на омразата изгорел и романот „Збогум оружје“ на Ернест Хемингвеј , „Историските записи“ на Хербер Велс, како и книгата репортажи „Десет дена што го потресоа светот“ од Џон Рид. Притоа, за жал, слично како и сега, кога се урива една мала држава која во последните десет години доживеа културна, духовна и економска ренесанса, реакциите на светот биле благи или никакви. Волтер Јенс, германист и книжевен критичар, во врска со тоа запишал: „Реакции скоро и да немаше. Дури и во странство критиките беа ретки и многу благи. А тоа всушност беше вовед во многу полошите работи што се случија само неколку години подоцна“. Ноќта кога биле спалени илјадници книги на кладите на „Оперплац“ не се нашле делата на Оскар Марија Граф. Нацистите не го сметале за „неподобен“ писател. Во врска со тоа тој подоцна изјавил: „Спалете ме и мене! Такво понижување не сум заслужил.“ На спалувањето на книгите во Берлин присуствувале околу 70.000 луѓе а само во првата сеанса на огнен протест биле спалени околу 20.000 книги. Студентите во Берлин и во сите други градови ги ваделе книгите од библиотеките без страв, затоа што библиотекарите и многу професори, слични како оние што дозволија да биде нападната една од нивните колешки на Правниот факултет во Скопје, тоа го дозволувале, иако јавно не учествувале во настанот. Спалувањето било пренесувано на радио, како што сега уништувањето на спомениците во единствениот главен град на Македонците и претпоставеното спалување на сите книги на македонски јазик, веројатно ќе биде пренесувано од некои радио-станици и телевизии а нивните директори ќе се сликаат во првите „борбени редови“. Во спомен на грозниот настан во Берлин, Ерих Kестнер, светски познат писател за деца, автор на книгата „Емил и детективите“, чии дела исто така биле спалени на кладите, додека ја посматрал бизарната претстава стуткан во толпата, подоцна меѓу другото запишал: „Стоев пред Универзитетот, притиснат од толпа студенти облечени во униформи на јуришници, меѓу цветот на нашата нација, гледајќи како нашите книги летаат во пламенот. Беше мачно.“ А неговиот колега, германскиот поет Хајнрих Хајне, уште во 1821 година напишал: „Таму каде што се спалуваат книги, на крајот ќе се спалуваат луѓе!“ Или, можеби: „Таму каде што се уништуваат споменици, на крајот ќе се уништуваат луѓе“. Меѓу ретките реакции на овој безумен чин бил текстот во американското списание „Њусвик“, кое спалувањето го нарекува „холокауст на книгите“. Во една таква атмосфера сите живи автори што можеле да заминат – заминале, а оние што не заминале во странство веќе не смееле да објават своја книга во Германија. Голем дел од германското општество, вклучувајќи и многу интелектуалци и професори, молчејќи го прифатиле спалувањето на книгите, како што сега дел од нашите интелектуалци го прифатија уништувањето на спомениците и нападот на Министерството за култура. А можното спалување на книгите, како и веќе извршеното уништување на спомениците на една земја со кои се искажува почит кон своите херои, кон духовниот континуитет и интегритет на нацијата, не е никаква револуција туку варварство.

Список на уништени обjекти во Македониjа
„Шарената револуција“ не ја сака својата држава?

Според нецелосните податоци објавени во средствата за информирање, до објавувањето на текстот „бомбашите“ ги имаа уништено следниве објекти: Стаклениот ѕид, прозорците и влезните врати на Народната канцеларија на претседателот и Министерство за правда, при што е оштетен и дел од ентериерот; три дена подоцна, на 16 април, извршено е оштетување на фасадата на портата „Македонија“ со фрлање на балони со боја, јајца и други предмети, а следниот ден повторно е нападната фасадата на портата „Македонија“ со балони со боја, јајца и други предмети. На 18 април оштететена е фасадата на Министерство за култура со балони со боја и други предмети. На 20 април извршено е оштетување на фасадата на бараките на град Скопје со фрлање балони со боја, а оштетена е и скулптура Прометеј во „Жена парк“ со боја. На 22 април „бомбашите“ ја оштетија фасадата на Агенција за електронски комуникации со боја, а истиот ден, кординирано, со боја и јајца оштетена е фасадата на Основен суд Kуманово, фасадата на Основен суд Охрид и општина Охрид. На 22 април и на 25 април протестирачите ја уништија фасадата на општина Битола, а на 27 април стаклената фасада на Општина Прилеп. Претходно, на 23 април со боја се уништени скулптурите „Лавови“ на мостот „Гоце Делчев“. На 25 април извршено е оштетување и на фасадата на Министерство за надворешни работи со фрлање на балони со боја… Досега до СВР Скопје од надлежните институции доставени се пријави за кривични дела оштетување туѓи предмети за уништивање на Народната канцеларија на претседателот, Министерство за правда, порта „Македонија“ и Министерство за култура. Врз основа на овие пријави приведен се пет лица кои добија куќен притвор во траење од 8 дена, неколкумина заработија кривични пријави, а десетина лица ќе одговараат прекршочно.

Целиот текст прочитајте го на ДНЕВНИК