„Дневник“: Со „пу-пу не важи“ политика до власт без избори

Наметнување, па повлекување услови за одржување избори, потоа црвени линии – па нивно бришење, па борба за договарање конкретен датум за спроведување на гласањето, по што се оживуваат подзаборавени прашања како причина за ново одложување. Kонтрадикторни настапи и менување на ставовите со брзина на светлината, вака во неколку реченици би можеле да се опишат чекорите што ги повлекува првиот човек на социјалдемократите, Зоран Заев, од почнувањето на кризата досега, пишува Дневник.

Особено откако се појавија првите анкети за мерење на рејтинзите на клучните политички фактори во Македонија, кои беа објавени уште кога беше актуелно објавувањето на „бомбите“, кога стана јасно дека ефектот што требаше да го постигнат бомбите во корист на Заев, всушност, беше спротивен.

СДСМ-овото одново и одново бришење едни услови, па ставање на маса нови, со образложение дека се клучни и без чие исполнување во Македонија не може да се организираат фер и кредибилни избори, па потоа откажувањето од нив, па враќање на старите, предизвика контраефект: па дури и нивните доскорешни поддржувачи ја изгубија довербата и ги разбраа намерите – бегање од избори и власт без гласање. Јавноста стана свесна дека зад изјавите на Заев оти изборите се нивната крајна цел, всушност, се крие желба за учество во владата, ама без избори.

„Не мора одвојување на партијата од државата“

Најсвеж доказ за социјалдемократската непостојаност и несериозност е последното интервју на Заев за српска новинска агенција, во кое тој се премисли, па се откажа од еден од за него најважните услови за фер избори: одвојување на партијата од државата. Во образложението на оваа одлука тој наведува оти не верува дека „тоа е можно додека на власт е ВМРО ДПМНЕ на чело со Никола Груевски“.

Kолку за потсетување, овој услов беше ставен на маса уште во февруари 2014 година, кога Заев децидно му порача на Груевски дека без негово исполнување нема ниту да седне на преговарачка маса.

Институциите ги претвори во партиски испостави на ВМРО-ДПМНЕ. Ја уништи државата. Нема држава – се е партија. СДСМ повеќе нема да дозволи продолжување на овие политики на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Наспроти Груевски и власта на ВМРО-ДПМНЕ застанува Социјалдемократскиот сојуз со коалициските партнери, кои ќе ја вратат Македонија да биде држава на сите граѓани – изјави Зоран Заев на 19 февруари 2014 година.

Потоа дојде техничката влада за спроведување избори во која министер за внатрешни работи стана генералниот секретар на СДСМ.

Слична судбина доживеаја и црвените линии за и околу медиумските реформи. Додека со месеци тие ги кочеа преговорите во Kлубот на пратеници, пред одложувањето на изборите закажани за 5 јуни, Заевите медиумски реформи исчезнаа, па нов топ-приоритет на опозицијата стана Избирачкиот список. И не само тоа. Заев до последно не попушташе за методологијата на негово прочистување – активна регистрација на граѓаните, за на крајот да се откаже од неа.

Деновиве може да се чуе дека медиумите одново се враќаат во игра. Некое време. Па потоа тие ќе одат под тепих, па пак на ред ќе дојде списокот и така во круг.

Прво нема лицитирање со датум за избори, а потоа одеднаш – октомври

Сега Заев одново зборува за медиумските реформи, но повторно на тапет е и Избирачкиот список. Kој ќе е старо-новиот услов во врска со него, преку што Заев ќе бара ново одложување избори, веројатно е рано да се каже, оти новиот датум се уште не е договорен. Во меѓувреме, никој не изнел ниту еден разумен аргумент за тоа што му фали на списокот.

А кога станува збор за датумот, желбите на лидерот на СДСМ се менуваат, во зависност од расположението на претседателот. Неодамна неговата заменичка, Радмила Шекеринска тврдеше дека не е во ред да се лицитира со датуми, а само недела-две подоцна Заев изречно го посочи месец октомври.

Ќе има ли нови „неотстапувачки“ услови од Заев под претпоставка дека избори во октомври ќе се случат или ќе извади од ракав некои од оние од кои децидно се откажал, ќе биде јасно наскоро.

Во меѓувреме сите негови контрадикторности одработуваат во корист на спротивната страна, на штета на СДСМ. Во однос на рејтингот на Заев засега единствено расте гледаноста на неговите видеа на каналот „Јутјуб“, едното за „јадењето живи луѓе“ и второто за кумановските терористички напади, кои за него прво не беа тероризам, ама кусо потоа – станаа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.