„Дневник“: Самарас побегнал од дуел со Груевски

Атина неодамна одбила уште една понуда за директна средба меѓу премиерите на Грција и на Македонија, Андонис Самарас и Никола Груевски, која би ја модерирал претставник на Европската комисија, пишува дневниот весник „Дневник“ во денешното издание.

Германскиот дипломат, амбасадорот Волфганг Ишингер, пред неколку месеци испратил писма до двајцата премиери да учествуваат на годинашнава Минхенска конференција за безбедност, на која на панел-дискусија би разговарале за прашањето за името.

Дипломатски извори потврдуваат за „Дневник“ дека поканата била испратена од Ишингер, кој е претседавач на Минхенската конференција. Според извори на весникот, Ишингер предложил специјална дискусија за проблемот за името, која би се одржала на 2 февруари годинава на последниот ден од Минхенската конференција.

Освен Самарас и Груевски, поканет би бил и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој ќе ја има улогата на модератор, но не се наведуваат други учесници на панелот за кој се предвидува да се одвива од 9 до 10 часот во хотелот „Бајерише Хоф“ во Минхен каде што и ќе се одржува конференцијата, која се отвора на 31 јануари.

„Дневник“ неофицијално дознава дека Самарас ја одбил поканата, со тоа што за јавноста не се познати причините поради кои грчкиот премиер одбил уште една можност за средба со македонскиот колега, на која би разговарал за проблемот број еден кој ја кочи Македонија во евро-атлантските интегративни процеси.

Од македонската влада за Дневник ја потврдиле информацијата дека Груевски добил писмо од Ишингер и оти премиерот веднаш дал согласност за идејата.

Организаторот на конференцијата за „Дневник“ не појасни зошто Самарас одбил. Весникот се обратил до владиниот кабинет во Атина, односно до одделот за комуникација со медиуми во кабинетот на Самарас, но од таму и по неколку дена, не добиле одговор.